еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Отворена истрага за поранешниот градоначалник Стојчев и другите осомничени во полициската акција „Чибук“

Отворена е истрага за поранешниот градоначалник на Општина Ново Село, Боро Стојчев и другите осомничени во полициската акција „Чибук“, информираа од Јавното обвинителство.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена денес (3.3.2024 година) од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 10 лица.

На сите осомничени им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 ст.3 в.в. ст.1 од од КЗ, информираа од таму, споделувајќи детали за акцијата.

-Во текот на вчерашниот ден, под раководство на предметниот јавен обвинител полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, спроведоа успешна координирана полициска операција под кодно име „Чибук“.

Беа извршени претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга, КПУ Затвор Прилеп и неговата околина и притоа беа приведени 8 лица и пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакумирани кеси со наркотична дрога марихуана во количина од 99 кг и 630 грама.

Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка во која е утврдено дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, осомничените заедно, како повеќе лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба.

Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица, велат од Обвинителство.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за осумтемина осомничени.

Останатите двајца осомничени се наоѓаат на издржување на затворската казна во КПД Затвор Прилеп од каде го сториле кривичното дело што им се става на товар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во акција на полицијата приведени 10 лица, меѓу кои и поранешен градоначалник на СДСМ

Каков имот пријавил поранешниот градоначалник Боро Стојчев, приведен во полициска акција

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Притвор за Габриел Бајрам, со боксови натепал вработен во ресторан бидејќи не му дозволил да крши чинии во објектот

Редакција

„БРАКО“ го доби тендерот на Министерството за здравство за набавка на монтажни контејнери вреден 142.000 евра

Редакција

Хируршките одделенија се вратија во функција, испразнети се креветите од ковид-пациенти

Редакција