Во хотелот Александар палас во Скопје, на Конгрес, опозициската СДСМ денеска ќе бира ново раководство.
На истиот според најавите од партијата се очекува да се изберат новите членови на највисоките тела на СДСМ, Централниот и Надзорниот одбор.
Денеска треба да биде познато и името на новиот заменик-претседател на партијата.
Фокус објави дека новиот лидер на партијата, Венко Филипче за оваа функција ќе ја предложи Фани Каранфилова-Пановска, која долго време е активна во граѓанскиот сектор, а меѓу другото, беше и директор на Фондацијата Отворено општество Македонија.
Неизвесно е дали потпретседателот ќе биде избран денеска или наредните денови, затоа што според статутот на СДСМ потпретседателот го избира Централниот одбор, чии членови, исто така, се избираат денеска.
На Конгресот ќе се разговара и за идните, нови политики на партијата, како и за причините за поразот на последните избори.
Повеќе актуелни партиски функционери деновиве најавија дека нема да бидат дел од новото раководство на СДСМ, посочувајќи дека функциите треба да им припаднат на нови лица.