Атлантик Група во првата половина на 2024 година оствари приходи од продажба во износ од 512,5 милиони евра, што претставува раст од 11,5% во споредба со истиот период минатата година, информираат од таму.
Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) пораснала за 29,2% на 57,4 милиони евра, додека нето добивката пораснала за 16,5% и изнесува 24,4 милиони евра.
„Атлантик Група продолжува да остварува одлични деловни резултати, при што растот на профитабилноста го надмина силниот раст на продажбата во речиси сите деловни и дистрибуциски области. И покрај зголемувањето на цените на какаото и сировото кафе, поголемите инвестиции во вработените и маркетинг активностите, продажните резултати овозможија силен раст на профитабилноста.
Аквизицијата на друштвото Strauss Adriatic ја обележа оваа година, а напредокот на интеграцијата во Атлантик Група уште еднаш го докажува искуството на компанијата во аквизициите и постаквизициските синергии. Посебно сме радосни за наградите за ESG лидер во Словенија и Србија, кои уште еднаш ја потврдуваат нашата посветеност на одржливиот развој.
Продолжуваме со интензивни капитални вложувања и иновации, а посебно место зазема лансирањето на Argeta Meatless и Boom Box смути и крекери. Остануваме фокусирани на понатамошен успешен и одржлив раст во следниот период“, истакна претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.
Кафето, Пијалаци и Деликатесните намази го предводат растот
Најголем раст оствариле стратешките бизнис области (SBO) Кафе (19,2%), Пијалаци (10,2%) и Деликатесни намази (10,1%).
-Кафето како најголема поединечна категорија учествува во вкупниот приход со 21,8%. Во дистрибуцијата предничат Стратешката дистрибуциска област (SDO) Македонија со раст од 12,4% и Хрватска со раст од 9,3%. Во вкупната продажба на Атлантик Група, сопствените брендови сочинуваат 63,2%, лекарската дејност 9,0%, додека брендови на принципали учествуваат со 27,8% од приходите од продажба, посочуваат од таму.
Клучни бизнис достигнувања
Атлантик Група во првото полугодие од 2024 година остварила неколку клучни бизнис достигнувања, велат од таму.
-Заклучена е аквизицијата на Strauss Adriatic, со што брендовите Донкафе и C кафе се придружени во портфолиото, заедно со современиот производствен погон во Шимановци и 220 вработени.
Компанијата е препознаена како ESG лидер во Словенија и Србија, освојувајќи награди за транзицијата кон кружна економија и образовни програми, и доби сертификат „Equal Pay Champion“ што се доделува на компании посветени на еднаква плата за еднаков труд и еднакви кариерни можности без разлика на полот.
Цедевита го објави своето прв засебен извештај за одржливост, додека годишниот извештај на Атлантик Група за првпат е изработен според европските стандарди за извештајување за одржливост (ESRS), со што Атлантик Група стана меѓу првите во регионот кои ги применуваат овие норми.
Аргета лансираше линија безмесни намази, наградена со сертификат Superior Taste Awards, додека Смоки премина на сончогледово масло и доби Веган и Халал сертификати. Boom Box го прошири својот асортиман со нови смути и солени мини крекери.
Atlantic Trade Zagreb го автоматизираше складиштето во Вуковина со напредна 2D шатл технологија, која овозможува складирање на полни палети и целосна интеграција со сите постоечки дигитални решенија, а станува збор за нова технологија за автоматизација на складиштата која компанијата ја воведе меѓу првите во овој дел од Европа.
Во рамките на сопственичката трансформација на компанијата Fortenova група, а врз основа на договорот склучен во постапката за вонредна управа над компанијата Агрокор д.д., и Записникот за заем на добавувачи, на 16 јули 2024 година Атлантик Група наплати 7,1 милион евра граничен долг на Агрокор и соодветна камата во износ од 1,5 милиони евра.
Врз основа на одлуката на Собранието на компанијата, исплатена е дивиденда од 1,20 евра по акција, што претставува повеќе од 50% од консолидираната годишна добивка, со што дополнително се потврдува стабилноста како и продолжувањето на минатогодишниот успех на работењето на Атлантик Група и во првото полугодие од 2024 година, велат од групацијата.