Министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон потврди дека Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер, кој предвидува во претпристапниот процес на Европската унија да нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји.
„Тоа е иницијатива за забрзување на целиот процес на проширување, односно на претпристапниот процес, за да немаме премногу можности да ставиме вето и да блокираме соседите поради билатерални прашања и да ја искористиме можноста за гласање со квалификувано мнозинство (QMV) неколку пати во текот на процесот“, вели Фајон во интервју за црногорската агенција МИНА.
Според неа, Словенија и Германија работат за да создадат ефикасен механизам кој ќе го одржи овој процес без пречки и ќе го поддржи напредокот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Фајон вели дека реформите што треба да се спроведат во земјите-кандидати се индивидуални за секоја држава и дека самото отворање и затворање на преговорите со ЕУ не е толку техничко, туку повеќе политички процес.
„Моето мислење е индивидуално за секоја земја. Самите реформи и самото отворање и затворање на преговорите не е толку техничко, туку повеќе е политички процес“, вели Фајон.
Фото: Unsplash