Деновиве се случуваат големи температурни осцилации. Влеговме во пролет со летни температури, а сега имаме ниски температури. Чувствителните луѓе реагираат на овие драстични временски разлики, бидејќи организмот не може веднаш да се навикне на промените, односно му треба адаптација.
Ова за Мета.мк го тврди метеорологот проф. д-р Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет, кој потенцира дека хронично болните, повозрасната популација, но и помладите, ги чувствуваат наглите промени.
„Овој ладен бран ќе се задржи до почетокот на следната седмица. Ниските температури ќе донесат и врнежи од снег на повисоките планини во Западна Македонија, но не и на пониските места, овошките нема да замрзнат, да не стравуваат земјоделците. Минималните температури ќе бидат над 0, но на повисоките места не се исклучува можноста да има и снег денеска.
Веќе од утре ќе се задржи променливо, посвежо време, ќе личи на рана пролет“, вели професорот кој бил и визитинг професор на Универзитетот во Виена.
Како што објаснува тој, една од негативните работи на климатските промени се токму овие временски осцилации.
„Ова што го имаме сега не мора директно да се поврзе со климатските промени. Но, внатре во тие меѓусезонски промени, самиот систем се менува и осцилира, каде ние од стабилна атмосфера, сега имаме поларна маса. Со тоа веќе сме под влијание на друга маса, со повлажни карактеристики, намален притисок и намалени температури. Ова наликува на пролет која треба да биде, но не од аспект на големи осцилации“, додава професорот.
Популацијата кај нас не е навикната во пролет да очекува летни температури или во зима да има есенски температури.
„Да се потсетиме, лани пролетта беше многу влажна, се прашувавме дали ќе одиме на одмор на почетокот на летото. Има и други вакви примери на планетата. Нашиот климатски систем е пореметен, не е навикнат да функционира под вакви влијанија, а тие влијанија се климатски промени настанати како резултат на човекот.
Има зголемени емисии на Цо2 во атмосферата, што пак, го менува нејзиниот хемиски состав. Стакленичките гасови, водената пареа и Цо2, дополнително оддаваат топлина насочена кон земјината површина и така настанува процесот на глобално затоплување“, потсетува професорот Спиридонов.
Во втората половина од пролетта, додава професорот, ќе има врнежи.
„За тоа какво ќе биде летото, имаше различни оценки. Атмосферските модели и проценки упатуваат на потопло лето, а во јули и во август може да биде опасно бидејќи може да има развој на поинтензивни грмотевични бури, кои може да бидат доста деструктивни. Тоа е веќе реултат на климатските промени“, потенцира Спиридонов.
Ладниот бран зафати поголем дел од Европа, вклучително и земјите во регионот. Во изјава за „Н1“, атмосферскиот физичар проф. Бранко Грисогоно, кажа дека иако претходно имало нагли промени на времето, никогаш не се случило температурата да падне од 30 на 6 степени.
„Април е климатолошки најпроменливиот месец во целата година. Тоа е шок за нас бидејќи од летните температури преминавме на температури карактеристични за рана пролет. Последните неколку недели имавме апсолутно натпросечни температури и сега се спуштивме на четири до седум степени под просекот. Тоа се разлики од околу 20 степени и телото го чувствува тоа и е шокантно“, рече професорот Грисогоно, кој предава на загребскиот Природно-математички факултет.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео+фото) Снег во Хрватска, БиХ и Словенија