Кривичен суд Скопје соопшти дека на осомничениот за вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ „Мавровка“ му е изречен 30-дневен притвор.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерка притвор против Е.К. од Скопје, осомничен за две кривични дела Убиство и Убиство во обид, како и едно кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје, а поврзано со вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ Мавровка, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Согласно решението, притворот се определува заради постоење на основите од член 165 ст.1 точки 1,2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание брз сведоци и Повторување на делотот. Против ова решение, странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.
Претходно од Обвинителство излегоа со детали за случајот.
„На 20. август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без ргистарски ознаки.
На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило. Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници.
Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага,“ информираа од Обвинителство.
Подоцна, беше објавено дека осомничениот кој беше во бегство сам се предал на полицијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Познат идентитетот на убиецот кај „Мавровка“: МВР со детали за акцијата
Фото: Унсплеш