Вчера агресивен 77- годишен пациент со нож нападнал здравствен работник вработен во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.
Независниот синдикат на здравствени работници остро го осуди нападот, а од таму велат дека насилните и нервозни граѓани кои имаат потреба од здравствена заштита, треба да ги остават пиштолите и ножевите во своите домови и возила, а во здравствените институции да влезат неоружани и психофизички да се подготвени да им се решаваат здравствените проблеми.
Според пријавеното во МВР, напаѓачот претходно во ходникот агресивно се однесувал и кон вработена во болницата. Причините за инцидентот засега не се откриени.
Претходно минатиот месец беше нападнат доктор на државната клиника за Токсикологија. Напаѓачот дошол со своето малолетно дете на Клиниката и кога дежурниот доктор му кажал дека треба да го однесе детето на Педијатрија каде што исто така има токсиколог, тој почнал да го удира.
Сличен инцидент беше пријавен и во септември, кога млад пациент во градската болница „Св.Наум Охридски“ се обидел физички да нападне лекар, кој бил на работното место, а оштетил едно работо биро и компјутер.
Синдикатот од директорите на јавните здравствени установи бараат зголемување на безбедноста на здравствените работници за време на работа во здравствените институции.