еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Утре почнува судењето за „Рекет“: Што ќе донесе првото рочиште?

Во Кривичниот суд во Скопје утре треба да се одржи првото рочиште за случајот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичееч.

Во домашен притвор се обвинети Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, додека првообвинетиот Бојан Јовановски кој беше хоспитализиран во Градската општа болница „8-ми Септември“ во текот на вчерашниот ден е вратен во КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор.

Во меѓувреме, Апелацискиот суд денеска треба да одлучи дали тој и натаму ќе остане во притвор. Неговиот адвокат Сашо Дуковски бара да биде пуштен од затвор заради неговата здравствена состојба.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

„Првообвинетиот во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи,влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор.

Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител“, појаснува Јавното обвинителство.

Второобвинетата ја искористила службената положба и откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот доставила до Апелациониот суд во Скопје предлог за определување поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.

Со преземените службени дејствија, второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра.

Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од државата што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Во рамки на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Кои се десетте најтргувани акции на Македонската берза?

Редакција

„Мај комерц-Леар“ го доби тендерот на ЕСМ за набавка на гумени транспортни ленти вреден 767.000 евра

Редакција

Радев до Мицотакис: Договорите на Македонија со Грција и Бугарија да станат дел од преговарачката рамка

Редакција