еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Станува ли фијаското на ДУИ со Законот за јазиците голем предизборен адут за СДСМ?

Не престануваат реакциите по препораките на Венецијанската комисија да се преиспита Законот за употреба на јазиците со образложение дека станува збор за непрецизен закон кој државата нема капацитет да го спроведе.

Имено, правните експерти на Советот на Европа укажаа дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија ја поздрави подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, но оцени дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележа дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Венецијанската комисија даде неколку препораки до властите на Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки.

Исто така, препорача обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.

Што се однесува до спроведувањето на паричните санкции, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека треба да се одложат се додека не се измени законот за да се обезбеди доволно правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност.

Ваквите препораки го вознемирија коалицискиот партнер во Владата, ДУИ. Вознемиреноста отиде до тој степен што вицепремиерот Бујар Османи се закани дека секое отварање на Законот за јазиците ќе ја врати земјава пред 2001 година, што предизвика бурни реакции во јавноста.

Со неговата изјава Османи и контрираше на ЕУ под чија капа функционира Венецијанската комисија иако е вицепремиер за европски прашања.

Сепак, премиерот Зоран Заев најави примена на препораките на комисијата.

„Овој закон е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да дојдат до светлото на денот, односно да имаат своја соодветна примена.

Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме“, изјави Заев.

Од друга страна, вицепремиерот Османи, пак, смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку дека треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија.

Најавува добри акциони планови за да се создадат капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвика никакви проблеми во судството.

„Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството.

Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава“, рече вчера Османи.

Ваквото фијаско со примената на Законот за јазиците уште еднаш покажа дека за да се задоволат партиските интереси на ДУИ се туркаат закони за кои државата реално нема капацитет да ги спроведе.

Сега останува прашањето дали СДСМ ќе го искористи мислењето на Венецијанската комисија за престојните избори односно дали ќе „попушти“ во однос на менувањето на законот и трошењето на огромни буџетски средства за неговата примена, а за возврат да добие политичка поддршка за формирање нова Влада по престојните избори закажани за април, следната година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Османи контра Заев: Секое отворање на Законот за јазици ќе не врати пред 2001 година

Заев: Ќе ја испочитуваме Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците

Венецијанската комисија препорача да се преиспита Законот за употреба на јазиците

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Акции со најголем раст и пад на Македонската берза во септември

Редакција

Кризниот штаб го усвои предлогот да се укинат маските во основните училишта и сертификатите во отворените делови на угостителските објекти

Редакција

Убава вест: 246 оздравени од Ковид-19

Редакција