Во врска со шпекулациите дека УСЈЕ гори „ѓубре“ и „опасен отпад“ сакаме да ја информираме јавноста дека ваквите тврдења се целосна дезинформација, велат од компанијата.
“УСЈЕ во своето работење користи различни видови на енергенси, а од неодамна инвестираше во најсовремена технологија за употреба на алтернативни горива, за која ги поседуваме сите неопходни лиценци и дозволи издадени од надлежни институции“, велат од компанијата.
Во моментот употребата на алтернативни горива во УСЈЕ изнесува 4% од вкупната количина на енергенси.
„Алтернативните горива се добива од фракции од отпад, претходно целосно обработени во специјализирани фабрики и строго контролирани од страна на сите надлежни институции. Покрај тоа, користиме и оризова арпа од земјава, која инаку се спалува на полињата на непрописен начин.
Во следниот период планираме да користиме и остатоци од текстилната индустрија, кои вообичаено се депонираат или спалуваат на непрописен начин.
Употребата на алтернативни горива не е новина во земјите од ЕУ, каде што оваа пракса е присутна повеќе децении и е целосно безбедна технологија, а во во цементната индустрија примената на алтернативните горива во земјите од Унијата достигнува и до 90% од вкупната количина на енергенси.
Како транспарентна и отворена компанија ги покануваме сите заинтересирани граѓани, организации и институции да нѐ посетат и детално да се запознаат со нашето работење. Сите заинтересирани можат да се пријават на електронската адреса [email protected]“, велат од компанијата.
Научно е докажано дека употребата на алтернативните горива во цементната индустрија придонесува за значително намалување на емисијата на „стакленички“ и други штетни гасови во атмосферата, во споредба со користењето на фосилните горива, велат од компанијата.
“Ова се должи на спецификите на процесот на производството на цемент, кој се одвива во затворен технолошки процес и при екстремно високи температури (1500 – 2000 ֯C), на кои се елиминираат евентуалните штетни соединенија.
Како дополнителен аргумент, зададените гранични вредности (максимално дозволени вредности) од страна на регулаторот, при користење на алтернативните горива се многу пониски, отколку при користење на фосилни горива.
Употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е определена како Најдобра Достапна Техника (НДТ) во соодветниот европски BREF – (документот погледнете го ОВДЕ) и практично е обврска за цементарниците во Европската Унија.
Компанијата работи согласно највисоките стандарди и целокупниот процес е под 24 часовен независен мониторинг, 365 дена во годината, а резултатите од мерењата на емисиите се јавно достапни.
Овие резултати се контролирани со дополнителни независни мерења кои редовно ги потврдуваат првичните резултати. Работењето на УСЈЕ нема корелација со измерените вредности за квалитетот на амбиенталниот воздух во околните населби и во градот Скопје.
Последната ненајавена контрола е извршена на 12.12.2019 година од Државниот инспекторат за животна средина и инспекцијата уште еднаш покажа дека сите активности се во рамки на законски дозволените лимити.
Во УСЈЕ се инсталирани најсовремени филтри кои се автоматизирани и доколку истите не функционираат автоматски запира процесот, што значи дека е технолошки невозможна било каква производствена активност во компанијата доколку не работат филтрите“, велат од компанијата.
Од 2011 година, Цементарница УСЈЕ поседува А-интегрирана еколошка дозвола, која гарантира дека работењето на компанијата е во согласност со домашното законодавство и стандардите на ЕУ во областа на животната средина.
“Покрај другите аспекти, А-интегрираната еколошка дозвола строго ја дефинира и употребата на горивата што се користат во процесот, а истите се во целост усогласени со европските директиви, особено со ЕУ директивата за индустриски емисии.
Тоа значи дека Цементарница УСЈЕ работи по исти стандарди, како и цементната индустрија во која било земја од ЕУ“, велат од компанијата.
Од 2007 година, во Цементарница УСЈЕ се врши континуиран мониторинг на сите емисии во воздухот, 24 часа, 365 дена во годината.
Резултатите од овие мерења се јавно достапни на интернет страницата на компанијата: usje.com.mk/NedelniIzvestaiEmisii и usje.com.mk/godisni_izvestai.