еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Со 101 глас Собранието ја избра преодната Влада

Собранието со 101 глас „за“, без воздржани и против ја избра новата техничка влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април согласно договорот на политичките партии.

Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски.

Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

– Ова е време кога треба да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат активностите за членство во НАТО и во ЕУ, рече тој.

Токму затоа предводењето на Владата во ваков период за него, како што рече, претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност.

Спасовски до Собранието достави програма за работа на Владата, чија основна цел е организирање фер и демокрарски избори.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешно организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправно членство на РСМ во НАТО, успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформи во правосудството, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Промени во составот во однос на последната Влада на премиерот Зоран Заев, кој утрово поднесе оставка, има само во делот на предложените министри и заменици од ВМРО-ДПМНЕ, како и на вицепремиерското место за економски прашања.

На местото на Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, ќе биде Мила Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика.

Министер за внатрешни работи во техничката Влада е Наќе Чулев, а министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија предложи и дополнителни заменици министри во земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии.

СДСМ предложи дополнителни заменици министри во министерствата за внатрешни работи и во труд и социјална политика. Замениците министри ќе бидат избрани на нова седница.

За време на седницата според договорот на парламентарните групи зборуваа Артан Груби од ДУИ, Панчо Минов, независен пратеник, координаторот на пратеничката група на СДСМ. Јован Митрески и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Артан Груби од ДУИ истакна дека за него и за неговата партија ова беше најуспешниот мандат досега со реализирани 100 отсто од нивните партиски и програмски приоритети – воведување двојазичност на целата територија на земјата, решавање на спорот со името, договорот со Бугарија, првпат претседател на Собранието стана Албанец, како и на ФФМ, да влеземе во НАТО, платите се зголемени, минималната плата е зголемена, се зголеми бројот на вработувањата, формирана е Агенција за спроведување на албанскиот јазик, формиран е национален ансамбл на Албанците, спроведена е Декларацијата на Албанците…

Груби изрази надеж дека сега во заедничката влада со опозицијата ќе бидат донесени некои клучни закони како оној за администраицијата. Фокус во следниот период за нив ќе биде селективната правда, борбата против корупцијата и криминалот и ветингот.

Јован Митревски од СДСМ посочи на достигнувањата на последната Влада на сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев, како намалување на невработеноста на 17,1 отсто, достигнување на економскиот раст над 3,6 отсто…

– Сега живееме во нормална демократска држава. Направивме многу во краток период и во исклучително тешки услови, рече Митревски.

Следните 3,5 месеци до изборите се надева дека нема да бидат потрошени само за изборна кампања и залудно и дека ќе се организираат фер и демократски избори, но оти, исто така ќе продолжат економскиот раст и реформите, особено во правосудството. За тоа, според Митревски, сега одговорност ќе имаат и министрите од ВМРО-ДПМНЕ.

Независниот пратеник Минов рече дека очекува оваа преодна влада да изгласа промена на изборниот модел и отоврени листи за следните избори и да биде донесен законот за јавно обвинителство.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека според образованието и подготвеноста, новите министри предложени од неговата партија ќе можат да се „носат“ со целата предложена Влада од страна на Спасовски.

-Како дојдовте, така ќе си одите. Дојдовте со техничка влада, ќе си одите со техничка влада, рече Димовски.

Според него, Спасовски со оваа функција си отвора пат, по „поразот на изборите на 12 април“ да биде претседател на СДСМ.

Димовски ја критикуваше работата на претходната Влада на Заев, како и работата на Спасовски како министер за внатрешни работи.

Министрите во новата Владата дадоа свечени изјави, а во 18 часот ќе почне собраниската седница на која треба да бидат избрани дополнителните заменици-министри.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија денеска треба да добие нова техничка влада: Кои се новите министри и заменици-министри?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одлагањето на преговорите може да има последици и врз безбедносната ситуација, рече Османи пред европратениците во Брисел

Редакција

Конечна детална листа: Кои се избраните градоначалници во вториот круг на локалните избори

Редакција

(Видео) Нема ни северна, ни јужна, Македонија е една и грчка: Претседател на грчка партија во Парламентот го искина Договорот од Преспа

Редакција