Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, заменикот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски денеска одржаа работен состанок со раководителите и дополнителните раководители кои се назначени согласно член 44 од Законот за Влада на Република Северна Македонија, соопшти МВР.
„Министерот Чулев и дополнителниот заменик министер Петровска потенцираа дека законите мора да се почитуваат и да се исполни основната цел, покрај стандардните за гарантирање на јавниот ред и мир, а тоа е организирањето на мирни, фер и демократски избори на 12 април.
Чулев и Петровска ја потенцираа добрата меѓусебна соработка и посочија дека таквата соработка треба да биде пример и за другите раководители, кои мора да соработуваат во интерес на граѓаните. МВР е специфично министерство кое не дозволува импровизации и хиерархијата мора да се почитува и оттука, во своето постапување, сите полициски службеници и вработени се должни да постапуваат согласно законските одредби“, информираат од МВР.
Илија Милески е именуван за началник на СВР Охрид, а Сашо Смилески за дополнителен заменик-началник. Александар Николов е именуван за началник на СВР Штип, а Марјан Коцев за дополнителен заменик началник.
Андреј Василевски ќе ја извршува функцијата началник на СВР Битола, а Славко Јовановски дополнителен заменик началник на овој Сектор. Трајче Георгиоски ќе биде началник на Одделот за внатрешни работи Прилеп во СВР Битола, а Игор Каравилоски дополнителен заменик началник.
Игор Ангеловски е нов началник на СВР Велес, а Злате Јаневски дополнителен заменик началник. Васил Тодоров е именувани за началник на СВР Струмица, а Танчо Пројковски за дополнителен заменик началник на овој Сектор.
Филип Филиповски ќе биде помошник на министерот на Одделот за внатрешна контрола криминилистички истраги и професионални стандарди, а Дејан Андонов дополнителен заменик помошник во овој Оддел.
Сашо Зенговски ќе биде началник на Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Бранко Трајановски дополнителен заменик началник на овој Оддел.
Ивица Бисовски се именува на работно место командант на единица за специјални задачи во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Митко Даневски за дополнителен заменик командант во истиот Оддел.
Александар Јанев се именува за началник на Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, а Лазо Велковски се именува за дополнителен заменик началник во овој Оддел.
Васко Наумовски ќе биде началник на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје во БЈБ, а Примислав Димовски дополнителен заменик началник во оваа Единица.
Ристо Ставревски се именува за за началник на СВР Скопје, а Тони Јакимовски за дополнителен заменик началник.
Според МИА, зменик министерката во МВР, Славјанка Петровска не ја потпишала одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на Секторот за внатрешни работи во Скопје, што беше предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Таа за МИА вели дека се одлучила на овој чекор бидејќи Ставревски имало аудио снимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.
Фото: МВР