Граѓаните кои први ја набавиле персонализираната картичка „Скопска“ за користење на јавниот превоз пред повеќе од четири години ќе мора да ја променат со нова, пишува „Мета.мк“.
ЈСП – Скопје во моментов е во процедура за набавка на нови електронски картички и билети, со тендер што беше распишан до 30 јануари. Новите картички сукцесивно ќе се набавуваат, а со цел да се задоволи потребата од замена на досегашните персонализирани картички.
Рокот на важност на месечните билети за скопскиот јавен превоз изнесува максимум 4 години, така што оние кои набавиле „Скопска“ пред 2016 година ќе треба да набават нова персонализирана картичка што чини 200 денари.
– Системот за електронска наплата на билети не овозможува продолжување на рок на важност на овој тип на картички без нивната замена – посочуваат од ЈСП – Скопје за „Мета.мк“.
Граѓаните на кои им е истечен рокот на персонализираната картичка, ќе мора повторно да одат до центрите за персонализација на ЈСП на Транспортен центар, Карпош 2 или во Аеродром до ТЦ Капитол. За да не останат без месечен билет за возење, граѓаните на овие три локации можат да се информираат за рокот на важност на нивната картичка „Скопска“, доколку не се сигурни кога таа била изработена.
Неопходноста од замена на персонализираните електронски картички „Скопска“ е во согласност со одлуката за Интегриран тарифен систем за линиски превоз на патници во град Скопје од 2015 година, во која е наведено дека рокот на важност на оваа картичка изнесува 4 години.
Единствената разлика што ќе можат да ја забележат граѓаните кај картичката „Скопска“ е нејзиниот дизајн. Наместо објекти од проектот „Скопје 2014“, на новите електронски картички има мотиви од Музејот на град Скопје и Скопското Кале. Начинот на користење на овие картички во скопскиот јавен превоз ќе остане идентичен.
Мета