еМагазин
Image default
Македонија

Македонија на чекор до официјално членство, денеска свечена седница за ратификација на Протоколот за НАТО

Свечена седница за ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во членството во НАТО ќе се одржи денеска во Собранието во присуство на претседатели и претставници на парламенти на земјите од соседството, на македонскиот државен и политички врв, на дипломатскиот кор.

Со ратификацијата земјата уште еден чекор ја дели од полноправното членство во Алијансата, како 30. земја-членка. Ќе остане недовршена уште ратификацијата во Парламентот на Шпанија, а ратификацијата кај нас ќе има одложено дејство и ќе се активира откако процесот ќе заврши во Мадрид.

Предлог-законот за ратификација е во собраниска процедура, откако Владата се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април.

На денешната свечена седница на Ратификацијата на Северноатлантскиот договор свои обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Парламентот, Талат Џафери, техничкиот премиер Оливер Спасовски, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска Старова, пратениците на Алијанса на Албанците, Сурја Рашиди на Алтернатива, Африм Гаши, на БЕСА, Фадил Зендели и на ДПА, Мерал Ферати.

По гласањето пред пратениците и присутните ќе се обрати и претседателот на ПС-НАТО, Атила Местерхази.

Пред почетокот на свечената седница, претседателот на Собранието, Џафери ќе има кратки поздравни средби со претставниците на парламентите на соседните земји.

Во Собранието на овој чин денеска ќе бидат присутни Мирослав Туѓман, пратеник и шеф на Хрватската делегација во ПС НАТО, Василика Хуси, потпретседател на албанскиот Парламент, Цвета Карајанчева, претседател на бугарското Собрание, Генци Ниманбегу, претседател на Парламент на Црна Гора.

На седницата поканети да присуствуваат се и поранешни претседатели, премиери, лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и претстатвници од општествениот и јавниот живот и дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадори од земји членки на НАТО.

По ратификацијата во 16 часот планирана е церемонија на подигнување на знамето на НАТО пред Собранието.

Откако Македонија и Грција го решија спорот за името, Договорот од Преспа беше ратификуван од македонскиот Парламент, поддршка добија и уставните измени, а потоа договореното беше ратификувано и од Грција, земјава како што ѝ беше ветено поканата за НАТО ја доби на самитот на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел, а следната година на 6 февруари амбасадорите на земјите-членки на НАТО исто така во Брисел го ставија својот потпис на Протоколот на пристапување во Алијансата.

За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, се чека во Шпанија, каде Педро Санчез минатиот месец успеа да формира Влада на неговите социјалисти и левичарската партија Подемос.

Владата на Шпанија кон крајот на минатиот месец го одобри и го достави на усвојување во Параламентот Протоколот за пристапување и побара од законодавниот дом документот да биде ратификуван по итна постапка.

– Неопходно е ратификацијата да биде по итна постапка со цел да не се одложуваат заложбите на Шпанија како сојузник во НАТО за прием на Северна Македонија во Алијансата, беше наведено во образложението на шпанската Влада.

Процедурата таму вообичаено трае шест месеци – документот треба да помине во комисијата за надворешни работи на Долниот дом, потоа да се гласа од пратениците во Конгресот, па заминува во комисијата за надворешни во Сенатот и потоа треба да биде одобрен и во Горниот дом. Со барањето на Санчез за усвојување по итна постапка рокот може да се намали на половина.

Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година.

Земјава најблиску до членство беше во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името, а откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за Алијансата се отвори и земјава мошне скоро и официјално ќе стане 30. членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Мицкоски од Благоевград: Правото на самоопределување е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти

Редакција

Камбовски за барањето на Бугарија: Наша одлука е дали ќе се отвори Уставот

Редакција

Последна шанса за да се спасат односите меѓу Македонија и Бугарија, да знаеме на што сме, не може повеќе вака, вели Османи

Редакција