„Макпетрол“ промовираше уште една безбедносна мерка, односно кратко упатство за безбедно ракување и користење на боците со ТНГ.
Раководителот на полнилница „Миладиновци – Макпетрол“, Сашо Дамчевски рече дека во ова време кога светот е во потрага по горива со помала емисија на штетни материи, природниот гас и течниот нафтен гас (ТНГ) стануваат се поважни.
„Тие заменуваат повеќе видови на горива-загадувачи, помалку го загадуваат воздухот и емитуваат помали емисии на јаглероден диоксид при нивното согорување. Во нашата земја се поголем број на домаќинства го користат ова гориво, па токму поради тоа денешниот настан е посветен на една новина поврзана со продажбата на ТНГ, односно течниот нафтен гас за домаќинства.
Течниот нафтен гас во боци е мешавина од пропан и бутан што се полни во боци со тежина од 2, 3, 5, 10, 23, 35 кг, како и боци за вилјушкари од 23 кг. Истите се применуваат секаде каде што е потребен лесно пренослив енергенс што, истовремено, едноставно и сигурно се доставува. Како замена за електричната и другите видови енергии, боците со ТНГ се користат во домаќинствата, индустријата, занаетчиството итн.
Како компанија која се грижи за своите потрошувачи сметавме дека е потребна одредена едукација на потрошувачите на ТНГ за домаќинства, бидејќи при користење на алтернативни горива можно е да се соочиме со одредени опасности доколку правилно не се употребуваат.
„Макпетрол“ досега има преземено низа соодветни безбедносни мерки и препораки што се однесуваат на безбедно ракување и користење на овој производ. Имено, компанијата поседува своја современа карусел полнилница каде што се врши проверка на наполнетоста на секоја боца, а по завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување на специјални заштитни капи на вентилите на боците, со што се гарантира точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност,“ рече Дамчевски.
„Макпетрол“ е единствен на пазарот кај нас што поседува сертифициран сервис за контрола и сервисирање плински боци и противпожарни апарати со што се обезбедува нивна максимална исправност и претставува гаранција за сигурноста и безбедноста при ракување со пропан-бутан гасот.
Упатството во форма на отпечатен пластичен диск отсега ќе биде составен дел од боците со ТНГ на „Макпетрол“. Преку оваа новина корисниците ќе бидат соодветно информирани за потребните безбедносни мерки за ракување, користење и чување на боците ТНГ за домаќинства.
„Од денес, вака опремени боци ќе бидат достапни на сите бензински станици на „Макпетрол“ каде што се продаваат боци со ТНГ за домаќинства, така што ова кратко упатство ќе го добијат сите наши потрошувачи-корисници на боците со ТНГ за домаќинства и при тоа, што е најважно, значително ќе се зголеми степенот на безбедно ракување и користење на боците со ТНГ.
„Макпетрол“ следејќи ги светските стандарди и понатаму ќе продолжи да се грижи да обезбеди квалитетни услуги и производи. Горди сме што можеме да кажеме дека Макпетрол овозможува квалитетен пакет кој го сочинуваат производите и услугите поврзани со истите, бидејќи веруваме дека нашите потрошувачи тоа и го заслужуваат.
Оваа заложба на компанијата е препознаена и наградена од нашите верни корисници што секогаш ни претставува поттик за нашата понатамошна работа,“ додаде Мишко Тасевски, раководител на сектор маркетинг „Макпетрол“.
Од „Макпетрол“ потсетија исто така, дека во наредниот период, како составен дел на боците за домаќинство на „Макпетрол“ ќе биде и специјален клуч за затегнување на матицата од регулаторот на притисок кон боцата за течен нафтен гас со што значително ќе се олесни приклучувањето на боцата кон потрошувачите од домаќинствата што користат ТНГ.