Медицински директор на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ упати апел до матичните лекари за да се најдат што поголем број на пациенти дарители на крвна плазма за лекување на заболените од корона вирусот.
„Со денови и месеци сме и ќе бидеме сѐ уште, и вие како матични лекари и ние како клиничка институција, ставени во борба со инфекцијата предизвикана од новиот SARS–COV-2 коронавирус.
Во настојувањата за нејзино совладување сѐ уште не постои специфична терапија, а за жал во скоро време не е на повид ни вакцина. Бројните тераписки искуства, и литерарно стручно и практично достапни во светот, со сите напори и можности се аплицираат и кај нашите пациенти.
Само кратко да се потсетиме дека по прележувањето на инфекцијата во организмот се создаваат антитела за борба со инфекцијата. Плазмата која содржи антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна.
Терапијата со конвалесцентна плазма се покажала безбедна и ефикасна во борбата против болести предизвикани од вирусите EBOLA и SARS. Затоа делува потенцијално ветувачки нејзиното давање и кај пациенти со COV-2 инфекција.
Нашите напори се насочени во добивање на конвалесцентна плазма преку вашите бази со податоци на пациенти кои ја прележале оваа инфекција.
Постапката за донирање на плазма, плазмафереза, е постапка која трае 40 до 60 минути, со издвојување на 300 до 600 мл плазма и враќањето на другите компоненти на донорот. Самата плазма кај него многу бргу се надополнува.
Дарителот, донорот на плазмата треба да ги исполнува следните услови:
• Пред сѐ прележана COVID-19 инфекција.
• 2 негативни теста во растојание од 24 часа, по инфекцијата.
• Да се минимум 21 ден без симптоми.
• Да се на возраст од над 18 и до 60 години.
• Да се со телесна тежина над 60 кг.
Сите понатамошни иследување би се правеле во координација со Kлиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Институтот за трансфузиона медицина. Сето горе наведено е, да потенцираме уште еднаш, за поуспешно лекување на пациентите со овој голем медицински предизвик пред сите нас.
Затоа Ве молиме за ревносно селектирање на вашите пациенти и информирање за нивниот контакт телефон до нашата институција. Сите понатамошни процедури, согласности или потребни дополнителни објаснувања ќе бидат спроведени од страна на лекaрите на Клиниката и Институтот за трансфузиона медицина,“ се вели во апелот на Стевановиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Лекарска комора на Македонија