Со воведувањето на полицискиот час и со останатите рестриктивни мерки, „Макпетрол“ АД Скопје, се соочи со пад на потрошувачката во сите сегменти од своето работење, соопшти компанијата преку Македонската берза.
„Прометот на мало на деривати, кој по декади во првите два месеца во 2020 година се движеше на ниво од околу 8,24 милиони литри и искажуваше пораст во однос на истиот период од минатата година за рекордни 15-тина проценти, во последната декада од март се намали за приближно 41%, а
вкупниот промет на мало на деривати во првиот квартал од 2020 година се сведе на пораст од само 2,21%“, информираат од компанијата.
Оттаму истакнуваат дека најнегативно влијание на воведените мерки против корона вирусот се покажало кај прометот, односно извозот на керозинот којшто, со мерката за затворање на аеродромите е сведен приближно на нула.
„Очекуваме, со постапното намалување на рестриктивноста на постојните мерки, а особено со нивно делумно или целосно укинување, да се зголемува прометот на горивата во „Макпетрол“ АД Скопје.
Свесни сме дека не можеме да очекуваме остварување на промет на ниво еднакво на прометот од минатата година во месеците од вториот и третиот квартал 2020 година од причина што вирусот како опасност ќе опстои и во тој период. Она што можеме да очекуваме е прометот на горивата да не биде намален за повеќе од 10 до 15 проценти, спореден со прометот од 2019 година“, велат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Членовите на Управниот одбор на „Макпетрол“ лани имале нето-примања од 670.000 евра
„Макпетрол“ оствари добивка од 578.000 евра за три месеци
Фото: Макпетрол