еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Амбасадата на Швајцарија и „Алкалоид“ АД во партнерство реализираа обука за вработување млад кадар со средна стручна подготовка

Квалитетното образование и соодветната обука имаат клучна улога во регрутирањето кадар при процесот на вработување. Одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадар од стручните сфери, претенденти за позиции во фармацевтската индустрија, кои е неопходно да бидат соодветно подготвени и обучени за предизвиците и за одговорностите што ги носи овој сегмент.

Во таа насока, Амбасадата на Швајцарија, преку проектот „Образование за вработување“, во партнерство со „Алкалоид“ АД, со Средното медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“ и со Фармацевтскиот факултет при УКИМ, започна со реализација на обука за лабораториски техничари.

Обуката ќе се одвива во согласност со стандардната пропишана програма за обука, но теоретскиот дел од 45 часа  ќе биде во целост реализиран виртуелно, на дигиталните платформи за учење, а практичниот дел од 30 часа ќе се одвива во лабораториите на „Алкалоид“ АД.

Проектот „Образование за вработување“ е наменет за обука на кандидати со средна стручна подготовка, на возраст од 18 до 29 години, кои не се во работен однос.

Првата група од 18 пријавени кандидати започна со теоретската обука на 16 јуни, а по тој повод беше одржана виртуелна средба на претставниците на партнерските институции, проекти и компании.

Амбасадорката на Швајцарија, нејзината екселенција г-ѓа Сибил Сутер Техада, истакна дека конкурентноста на швајцарската економија во еден дел се должи на квалификуваната работна сила.

„Швајцарија има развиен систем на стручно образование, а приватниот сектор игра клучна улога во тоа. Врз основа на швајцарското искуство, веруваме дека квалитетниот систем на стручно образование е единствено можен преку цврсто партнерство со приватниот сектор“, додаде таа.

Во моментов се работи на Швајцарската програма за соработка за периодот 2021-2024 година, во којашто дигитализацијата и соработката со приватниот сектор се особено важни теми.

Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, истакна дека оваа соработка е резултат на меѓусебната координација и на искуството што го поседува проектот E4E на швајцарската интеркооперација „Хелветас“, како и на алкалоидовата цел за издигнување на компетенциите на средношколските кандидати за вработување на ниво потребно за самостојно извршување на активностите на лабораториските техничари во склоп на компанијата.

„Започнуваме со првата група од 18 кандидати, од вкупно 30 предвидени со проектот, а по завршувањето на вториот круг од обуката, 15 од регрутираните кандидати својата кариера ќе ја започнат во лабораториите на сегментот Фармација во „Алкалоид“, каде што голем дел од работата ќе ја извршуваат самостојно.

Во рамките на овој проект, швајцарската интеркооперација „Хелветас“ обезбеди средства во висина од 500.000 денари, а „Алкалоид“ АД Скопје ќе вложи дополнителни 3,7 милиони денари од сопствените ресурси“, истакна Мукаетов.

Воедно, тој нагласи дека соработката со професорите од Фармацевтскиот факултет при УКИМ и при СМУГС „д-р Панче Караѓозов“ ќе биде голема додадена вредност во овој процес, заблагодарувајќи им се на професорите за нивната посветеност.

„Проектот ‘Образование за вработување’, преку кој е поддржана оваа активност, е применет од швајцарската развојна организација ‘Хелветас’, Стопанската комора на Македонија и од Македонскиот центар за граѓанско образование, а во фокусот е подобрување на формалното и на неформалното средно стручно образование и обука“, истакна г. Курт Витрих, тим-лидер на проектот.

Професорката Маја Салиу, директорка на Средното медицинско училиште „д-р Панче Караѓозов“, изрази благодарност за вклученоста во реализацијата на обуката, која води до зголемување на шансите за вработување на младите лица, поддржувајќи ја трасираната соработка меѓу креаторите на политиките и пазарот на труд.

„На овој начин ги промовираме стручното образование и обука, а социјалниот карактер на оваа соработка е чист пример за нашите заеднички напори за креирање квалитетен стручен кадар подготвен за работа“, истакна директорката Салиу.

Соработката меѓу институциите од високото и од средното образование, со поддршка на компаниите, најверојатно е рецептот за успех.

Во таа насока, проф. д-р Светлана Кулеванова, декан на Фармацевтскиот факултет во Скопје, ја истакна клучната улога на стручните обуки во насока на задоволување на барањата на компаниите, особено кога во нивната реализација се вклучени и компании како што е „Алкалоид“, која е лидер во фармацевтската индустрија.

„Проектот ‘Образование за вработување’ е првиот проект во кој сме вклучени, а кој се однесува на неформалното образование и се надевам дека ќе вроди со голем успех“, наведе професорката Кулеванова.

Оваа соработка меѓу институциите во иднина ќе се продлабочи и во други сегменти од работењето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Под слоганот „Креативност за промени“ ќе се одржи 26. издание на фестивалот Golden Drum

Редакција

Средствата од хуманото селфи од кујната на Cooking with Branko ќе се донираат во „Во мојот свет“

Редакција

Рамсторе Македонија пролетта ја започнува во насока на убавината

Редакција