Клиничката болница „Аџибадем Систина“ воведува можност за земање на материјал за лабораториски испитувања и анализи, како и тестирање за детекција на Ковид-19 со брз серолошки тест во домашни услови, информираат од таму.
„Стручна и професионална мобилна екипа од болницата, со високо опремено возило доаѓа во вашиот дом бесплатно, по што примероците безбедно и брзо се транспортираат за лабораториска анализа во Дијагностичките лаборатории на „Аџибадем Систина“.
Добивањето на резултатите зависи од нарачаната лабораториска услуга (примерок крв, урина, брис од нос, уво или грло), односно потребното време за изработка на анализата и истите се доставуваат на електронска пошта, посочена од страна на пациентот.
Мобилната екипа за земање примероци за лабораториски анализи од вашите домови е достапна само на територијата на Град Скопје, секој работен ден во периодот од 9 до 11 часот.
За користење на услугата, потребно е пациентите еден ден претходно да извршат закажување во контакт-центарот на „Аџибадем Систина“ на телефонскиот број 02 3099 500, од каде ќе добијат детали за услугата и упатство за припрема за бараната анализа.
Ваквиот новитет во болницата се воведува како одговор на потребите на пациентите кои од било кои причини, особено во услови на пандемија со коронавирусот Ковид-19, не се во можност физички да достават примерок за лабораториска анализа во нашата болница,“ информираат од болницата.
Одделот за дијагностички лаборатории при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди комплетен спектар на лабораториски услуги и брзи и точни резултати.
„Високата стручност и професионалност и постојаното имплементирање на современи протоколи во работењето на Дијагностичките лаборатории резултираше со доделување на ISO:15189 акредитација.
Овој стандард гарантира континуирана контрола на квалитет во медицинските лаборатории. Акредитацијата е доказ дека резултатите и наодите издадени од нашите лаборатории се изработуваат според меѓународно признат стандард и ги исполнуваат највисоките критериуми за квалитет.
Со имплементација на овој стандард, резултатите и наодите од Дијагностичките лаборатории се признаени како во нашата земја, така и во секоја држава во светот.
Дијагностичките лаборатории при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се први и единствени во земјава со истовремено акредитирани хистопатолошки, микробиолошки и биохемиски методи. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е акредитирана и според највисоките JCI стандарди за безбедност и квалитет,“ се додава во соопштението.