еМагазин
Image default
Бизнис

Бислимоски за МИА: Цената на струјата нема да рефлектира покачување на производите

Зголемувањето на цената на струјата нема да влијае врз покачувањето на останатите производи затоа што 90 проценти од индустриските и комерцијалните потрошувачи купуваат електрична енергија на слободен пазар. Значи нашата одлука воопшто не се рефлектира на овие потрошувачи и не може да стане збор за некаква инфлаторна спирала, ниту пак за зголемување на цените на нивните производи, вели во интервју за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Меѓудругото, вели тој, трошоците на енергетските компании се сведени на минимум за да можат да обезбедат стабилност на енергетскиот систем, а за да се надмине јазот од зголемувањето на цената на електричната енергија, РКЕ предлага, доколку има можност, да се намали ДДВ за струја по примерот на парното и водата додека трае корона кризата и да се зголеми трошокот за социјална сиромаштија.

– Доколку ЕЛЕМ односно ЕСМ и МЕПСО кажат дека сакаат да се намали електричната енергија и достават други податоци, тогаш РКЕ во рок од три дена има можност да ги промени своите одлуки, но повторувам дека станува збор за трошоци кои РКЕ ги сведе на минимум, вели Бислимоски.

Според него, со овие цени кои се одобрени, енергетските компании ќе работат на нула, односно само за да ја преживеат годината. Поточно, екстра приходите што ги добивала ЕЛЕМ од продажбата на вишоци, годинава ги нема односно компанијата има помали приходи од 17 милиони евра. Од друга страна и МЕПСО има помали приходи од транзитирање на електричната енергија низ нашата држава од околу 11 милион евра.

– Значи во системот фалат овие пари. Не зборуваме дека ќе остварат профити, туку да ја завршат годината за да обезбедат сигурност и стабилност во системот со снабдување со електрична енергија, вели Бислимоски.

Појаснува дека во трошоците на енергетските компании се земаат предвид и платите на вработените, но нагласува дека во оваа најнова одлука не е земено предвид ниту едно ново вработување во МЕПСО и ЕВН.

– Во пресметките е влезена состојбата со бројот на вработени која компаниите ја имале во 2018 година. Исто така, трошокот за плата кој го исплаќаат, не е признат во целост, туку го признаваме како просечна плата исплатена во секторот енергетика врз основа на податоците од Државниот завод за статистика. Значи ништо не е паушално и измислено како што тврдат одредени квази експерти во јавноста кои немаат ниту еден ден работно искуство во енергетскиот сектор, потенцира Бислимоски.

Согласно методолгијата на РКЕ се гарантира и одреден профит за енергетските компании, но се што е над тој лимит, според Бислимоски, се одзема.

– На МЕПСО му се одземени 13,25 милиони евра екстра приходи кои ги има остварено, а на ЕВН ХОУМ 4,5 милиони евра. Значи на ниту еден начин не дозволуваме компаниите да остварат профит надвор од дозволените рамки, вели Бислимоски за МИА.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

1.349 службеници кои земаат плата, а не одат на работа, ќе бидат распоредени во 237 институции

Редакција

„Виз Ер“ на два месеци ќе ги прекине летовите од Скопје до Болоња и Луксембург

Редакција

Поскапуваат бензините, дизелот и мазутот

Редакција