еМагазин
Image default
Македонија

Гоце Делчев останува клучно спорно прашање меѓу Македонија и Бугарија

Македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања ќе одржи состанок на крајот на септември, најави копретседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев.

Во изјава за бугарската ТВ Европа, Ѓоргиев вели дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ смета дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.

За несогласувањата околу Гоце Делчев, тој наведува дека треба да рамноправно да се разгледуваат македонските и бугарските гледишта за неговиот национален идентитет. Посочува дека токму идентитските прашања се спорните точки за кои има недоразбирање меѓу двете страни, пренесува БГНЕС.

„Секогаш ќе има дебати за идентитетот на Гоце Делчев и во Македонија и во Бугарија, со оглед на неговото место во пантеонот на националните херои. Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е „мултиперспективноста“. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да постојат паралелно. И тоа нема да биде пречка тој да се слави од двете страни“, рече проф. Ѓоргиев.

Тој посочи дека кога се зборува за Гоце Делчев, емоциите во Македонија се на највисоко ниво. Според него, работата на заедничката комисија треба да продолжи, но проблемите не можат да се решат без дијалог.

„Јас и моите бугарски колеги имавме онлајн состанок на почетокот на летото и се согласивме да имаме средба на крајот на септември или почетокот на октомври. Таа треба да се одржи во Скопје. За неколку дена ќе испратам покана до моите колеги во Бугарија, има неколку технички прашања што треба се завршат од македонска страна и потоа ќе биде испратена поканата“, вели Ѓоргиев.

Запрашан дали македонските историчари во комисијата се подготвени да ризикуваат земјата да не добие датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ поради проблеми со личноста на Гоце Делчев, Ѓоргиев рече дека тоа е политичко прашање и не може да ја коментира позицијата на Бугарија, но смета дека таквиот чекор би бил погрешен.

„Таквата бугарска позиција ќе зададе последен удар врз билатералните односи. Недовербата на Македонија кон Бугарија ќе биде на највисоко ниво“, оценува Ѓоргиев.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вархеји: Опозицијата да докаже дека е посветена на членството на Македонија во ЕУ

Редакција

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа нема нови приеми, вкупно се хоспитализирани 95 пациенти

Редакција

Регистрирани 399 прекршоци за неносење маски

Редакција