Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор денеска во Охрид го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателите Пендаровски и Пахор, заедно со началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.
„Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите Пендаровски и Пахор, преку методско-показни вежби прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект.
Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.
Пред вежбата, словенечкиот претседател Пахор беше запознаен со мисијата и задачите на Армијата на Република Северна Македонија, а припадниците на баталјонот за специјални сили пред присутните изведоа кратка показна вежба на која презентираа дел од боречките вештини“, информираат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Потенцирајќи го високото ниво на стручност на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија за извршување на задачите коишто произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО, претседателот Пендаровски по завршување на вежбата истакна дека припадниците на Армијата се обучени и подготвени за реакција на сите предизвици во рамки на нивната мисија.
Фото/Видео: Кабинет на претседателот