еМагазин
Image default
Бизнис

Здружението на оштетени штедачи прашува кој ја ограби Еуростандард Банка

Во јавно обраќање денеска Здружението на оштетени штедачи праша кој и зошто ја ограбил Еуростандард банка.

Содржината Ви ја пренесуваме во целост:

„12 август 2020 година ќе се запише како уште еден црн ден во македонската историја на пропаднати и ограбени банки и штедилници. Тој ден остави преку 3000 семејства директно засегнати од пропаѓањето на Еуростандард Банка во неспокој, гнев, нарушено здравје, непроспиени ноќи, со огромна доза на разочарување од државата и банкарскиот систем коишто не доведоа во ваква тешка состојба. Како и зошто се случи да не ограбат нас депонентите физички и правни лица преку криминал тежок околу 60 милиони евра?

Изворот на грабежот со јасни криминални дејствија потекнува и е лоциран во срцето на Еуростандард Банка – луѓето на одговорни позиции во банката.

Главниот сопственик и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор веќе јавно ја призна вината и одговорноста за украдените пари и проневери коишто се случувале во банката со години воглавном при одобрувањето и делењето на непокриени кредити на правни лица – фирми како и други малверзации и криминални шеми во кои биле вклучени разни одбрани субјекти.

Освен господинот сопственик, наредни на листата се неговиот постар син како раководител на кредитниот одбор без чие знаење и одобрување за делење на непокриени кредити и други правени злоупотреби неможело да се спроведе овој масовен грабеж, потоа членовите на Управниот одбор директно вклучени во криминалните дејствија, а понатаму и некои вработени, проценители на имот, адвокати и други инволвирани страни.

Бројот на оние и со име и презиме кои биле директно вклучени во овој организиран криминал ќе треба да се истражи и да се процесуираат кривични пријави во наредниот период од страна на истражните органи во државата, што значи ќе има работа и за нив.

Тие извршители и виновници за неизвршување на функциите на местата коишто ги имале завземено во банката освен кривично треба да одговараат и материјално преку замрзнување на нивниот личен имот и имотот на нивните семејства. „Лоповите“ треба да се изнесат пред лицето на правдата ако сме правна држава, членка на НАТО со стремеж да станеме и членка на Европската Унија.

Откако е лоциран изворот на криминалот се доаѓа до следното прашање: Зошто е направен криминалот? Затоа што во нашата држава постои државна институција високо поставена над банкарскиот систем чија основна задача за којашто е и скапо платена од народни пари е да не заштити од вакви проневери и пљачки преку кои директно се уништуваат цели семејства и предизвикуваат тешки судбини на недолжни луѓе без никаква нивна вина.

Како е можно да во тек на повеќе минати години (од 2012 до 2019 година) бидат одобрувани и пласирани кредити без соодветни хипотеки и правени други злоупотреби и малверзации од страна на лица на одговорни позиции во Еуростандард Банка, а да Народната Банка не превземала активности да тоа го спречи и казни, за што таа е законски надлежна и обврзана да го направи?

Зошто Народна Банка и дозволила на Еуростандард Банка подолго време да биде изложена на поголем кредитен ризик и евидентни слабости во работењето? Како е тоа можно да се украдат 60 милиони евра во тек на повеќе години а да тоа Народна Банка не го видела и констатирала преку своите наводно строги процедури и надзор над работењето на сега веќе пропаднатата банка? Каква е одговорноста на оваа институција односно на одредени структури во неа во овој организиран криминал?

Оние што се оштетени се прашуваат зошто Народна Банка односно гувернерката даваше јавни изјави непосредно пред одлуката за затворање на Еуростандард Банка дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен и дека нашите депозити се заштитени.

Оваа институција свесно не донесе во заблуда да мислиме и веруваме дека е се во ред и да не се грижиме за нашите тешко заработени лични средства ставени во банка кои ни се брутално одземени од нас. Која е оправданоста за овие изјави кои се се почесто присутни во јавноста и овие денови од страна на оваа институција? Дали навистина банкарскиот систем е стабилен и сигурен? Примерот со Еуростадард Банка би можел да послужи како одговор на ова прашање.

Оваа неправда мора да се реши. Оштетените штедачи побараа од Владата и од политичките партии во Собранието да законски и итно ги обештетат нивните украдени средства во целост за да се зачува мирот и здравјето на оние за кои државата треба да се грижи бидејќи верувале во неа и системот во којшто живеат како лојални граѓани на оваа држава.

Не по нивна вина се ограбени и нанесена им е голема штета од којашто веќе трпат ненадоместливи животни последици. Сега останува на полититичките партии во Собранието кои декларативно ја дадоа својата поддршка за носење на законско решение за целосно парично обештетување на оштетените физички и правни лица депоненти во Еуростандард Банка а потоа државата да наплати од стечајната маса, да ја покажат искажаната поддршка на дело и да го донесат законот.

А сите оние кои го направиле овој голем грабеж и го спровеле овој организиран криминал над недолжните сограѓани и фирми да одговораат пред лицето на правдата. Само така преку грижата за својот народ и заштита на неговите интереси ќе се покаже дали ние заслужуваме да сме европска држава и стабилна земја привлечна за странски инвестиции“, пишува во обраќањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Народна банка: „Еуростандард банка“ се затвори бидејќи сопствениците не обезбедија дополнителен капитал

Трифун Костовски со повик до Џафери, Заев и Пендаровски повторно ја обвинува гувернерката за пропаѓањето на „Еуростандард банка“

Трифун Костовски и Гале Галев заминуваат од Надзорниот одбор на Еуростандард банка

Промени во Надзорниот одбор на Еуростандард банка неколку месеци пред затворањето

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата препорачува продавниците да работат за време на празниците

Редакција

Продаден блок акции од Фершпед за 198.000 евра

Редакција

Ивона Талевска од Сител заминува во ТВ Алфа

Редакција