еМагазин
Image default
Македонија

Левица до Собранието поднесе Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии

Двајцата пратеници на Левица денеска до Собранието поднесоа Декларација за осуда на бугарските национал-шовинстички претензии.

Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев објасни дека Декларацијата содржи 10 точки и дека се очекува таа да биде на дневен ред на 20-та седница на Собранието, што би се одржала на почетокот на ноември. За оваа Декларација во следните денови ќе разговараат со пратеничките групи во Собранието.

Декларацијата предвидува Собранието да го отфрли бугарскиот т.н. објаснувачки меморандум за односите на Република Бугарија со Република Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација упатен од страна на официјална Софија до земјите членки на ЕУ.

Исто така, Декларацијата предвидува дека македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се апсолутно суверено нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ кое не може и не смее да биде дел од никаква странска билатерална агенда или, пак, мултилатерална преговарачка рамка за членство во кој било меѓународен сојуз или организација.

Со третата точка од Декларацијата се бара од Владата, од премиерот, неговите заменици и министерот за надворешни работи „да бидат поагилни, подржавнички, пожестоки во нивните дипломатски напори за одбрана од намерните иредентистички напади и провокации кои доаѓаат од страна на (нео)врховистичките, михаиловистичките и великобугарските центри на нашиот источен сосед“.

Од претседателот на државата во Декларацијата се бара да биде поактивен во одбрана на македонските национални интереси на меѓународно ниво, од македонската страна да биде отворено прашањето за правата и статусот за непризнаеното македонско национално малцинство во Бугарија, а се истакнува и, како што се наведува, „суштинската потреба од носење на стратегиска македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ од страна на лидерите на политичките партии во Македонија, а во која ќе се дефинираат државните црвени линии“.

Со Декларацијата се бара итно запирање со работа на заедничката Меѓувладина експертска комисија формирана со Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, се повикуваат сите релевантни академски и научно-образовни институции, медиумите и невладините организации во борба против негирањето и злоупотребата и искривоколчувањето на минатото со цел, како што се наведува, ширење на непотребни тензии, непријателска пропаганда и ксенофобија од позиција на моќ.

Доколку биде донесена оваа декларација, како што наведе Апасиев, би се побарало таа да биде доставена до ОН, Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ/ОДИХР, Европскиот парламент, до земјите членки на ЕУ итн.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали треба да продолжат разговорите или што треба да се направи понатаму во однос на спорот за Гоце Делчев, Апасиев смета дека заедничката Комисија, како што е наведено во декларацијата, треба да престане да пости.

Според него, се ова што се случува во однос на тие разговори и вклучувајќи го и прашањето со Гоце Делчев и други прашања покренати од Бугарија и од Грција е одраз на нашата погрешна надворешна политика во последните четири години. Според него, сега и ние треба да почнеме исто така да ги покренуваме прашањата за правата на Македонците во овие две земји.

МИА/Фото: Левица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од воведувањето на новите протоколи, имавме само две дојави за бомби, вели Спасовски

Редакција

Голем број на скопски општини се приближуваат кон 200 заразени од корона вирусот, Чаир на врвот со 454

Редакција

Османи смета дека не е точно дека Грција не исполнила ништо од Преспанскиот договор

Редакција