еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Сите детали за финансиската поддршка од државата за исплата на плата за октомври

Работодавачите може да поднесуваат барања за мерката исплата на плати на вработените за октомври.

Управата за јавни приходи (УЈП) ги постави обрасците за поднесување на барањата, а поддршката, како што е предвидено со оваа мерка, дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е скалеста и се движи од 14.500 до 21.776 денари.

Барањата се поднесуваат преку системот Е-даноци, а Управата за јавни приходи, треба на работодавачот да му одговори најдоцна за три дена дали е комплетно барањето.

-Врз основа на Законот  за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено –економската криза  предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за месеците  октомври, ноември и декември 2020 година, за остварување на правото работодавачот поднесува електронски Барање за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците – образец БФП-ИП/2 преку системот е-Даноци до Управата за јавни приходи за секој месец посебно (види линк: www.ujp.gov.mk), информираат од УЈП.

Оттаму додаваат дека согласно со Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено–економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, физичките лица вршители на самостојна дејност може да поднесуваат Барање за  финансиска поддршка за исплата на финансиски средства  образец БФС-СВД/2 електронски преку системот Е-ПДД, за секој месец посебно на следниот линк ujp.gov.mk.

Целта на мерката, за која се предвидени 70 милиони евра е зачувување на работните места и задржување на платите на исто ниво.

Предвидено е исплата на плата од 14.500 до 21.776 денари зависно од степенот на намелениот приход на работодавачот. Поддршката е предвидена за месеците октомври, ноември и декември, а исплатата ќе се врши до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.

За намален приходот од 30,01 отсто до 40 отсто финансиска поддршка е до 14.500 денари по вработен, за намален приход од 40,01 отсто до 50 отсто финансиска поддршка е 15.955 денари по вработен, за намален приход од 50,01 отсто до 60 отсто, финансиска поддршка до 17.410 денари по вработен, за намален приход од 60,01 отсто до 70 отсто, финансиска поддршка до 18.865 денари по вработен,  за намален приход од 70,01 отсто до 80 отсто, финансиска поддршка до 20.320 денари по вработен и за намален приход над 80 отсто финансиска поддршката 21.776 денари по вработен.

За да можат да ја користат оваа мерка работодавачите треба остварениот приход за референтниот период од април до септември 2020 година да е намален за повеќе од 30 отсто, споредено со истиот период минатата година за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април – октомври 2020 со истиот период во 2019 за поддршката за ноември, односно референтниот период април – ноември 2020 со истиот период во 2019 година за финансиската поддршка за декември.

Еден од условите е и бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година со исклучок на оправданите основи за престанок на работен однос, работодавачот да не исплатиле и нема да извршат исплата на дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот – барател на финансиска поддршка, до денот на исплатата на платата за месец декември 2020 година.

Работникот за кого бара финансиска поддршка, да нема остварено нето плата поголема од 39.000 денари за месеците јуни, јули, август или септември 2020 година за секој месец одделно и сразмерно на часовите на пријавено работно време, како и тоа работодавачот да не исплатува нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10 отсто од вкупниот број на вработени.

Работодавачот за работникот за кого бара финансиска поддршка, не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, односно за мерките од проектот “Македонија вработува”.

Работникот за кој се бара финансиска поддршка не е работник пријавен на дополнително работно време согласно член 121 од Законот за работните односи, во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година, има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари, односно поголеми од 600.000.000 денари ако има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска поддршка

Работодавачот за времетраење на финансиската поддршка и два месеци после месецот за кој е користена финансиската поддршка не треба да го намали бројот на вработените освен заради: пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Оправданите намалувања на бројот на вработени кај работодавачот кој е корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе од 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени, односно 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени и пет отсто кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50 отсто од оние работодавачи кои имаат искажано позитивен финасиски резултат зголемен за непризнаените расходи и кои немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси. Враќањето ќе се врши на тримесечни рати без камата во месеците октомври, ноември и декември 2021 година.

Работодавачи кои искажале негативен финансиски резултат односно искажале загуба пред оданочување и немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси немаат обврска да ги враќаат примените финансиски средства.

За непочитување на законските одредби предвидени се глоби доколку на вработениот за кој е примена финансиска поддршка, исплатена е пониска плата од износот на примената финансиска поддршка и доколку не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите за добивање финансиска поддршка.

Глобите се движат од 500 до 1.000 евра за малите правни лица, односно 1.000 до 10.000 евра во денарска провивредност на големите правни лица, А глоби на одговорното лице во правното лице се движат од 100 до 500 евра во денарска противвредност

Финансиската поддршка на самостојните вршители на дејност изнесува 17.410 денари на месечно ниво.

Поддршка може да добијат оние со намален прход повеќе од 30 отсто за референтниот период од април до септември 2020 година, споредено со истиот период минатата година за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април- октомври 2020 со истиот период во 2019 за поддршката за ноември, односно референтниот период април – ноември 2020 со истиот период во 2019 година за финансиската поддршка за декември.

За времетраење на финансиската поддршка и четири месеци по месецот за кој се користи финансиската помош, физичкото лице кое врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка не може да престане со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нов раст на угостителските услуги: Во февруари покапи за 6,3%

Редакција

Угостителите бараат унифицирани протоколи за работа, не се согласуваат со ограничување на работното време

Редакција

Град Скопје: Остануваат средства за уште 4 000 барања за субвенции за инвертери

Редакција