Владата денеска го претстави предлог-буџетот за 2021 година со кој се планира раст на економијата во државава од 4,1 отсто, буџетски приходи во износ од 212,6 милијарди денари и расходи од 247,5 милијарди денари, буџетски дефицит од 4,9 отсто од БДП, како и капитални инвестиции од 23 милијарди денари.
„Во 2021 година очекуваме економско заздравување и раст од 4,1 процент во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка посебно имајќи го предвид падот на БДП од 2020 година.
Овој раст претставува и слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолопшката слика“, рече на прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Буџетот за 2021 година, што го усвои Владата и ќе биде проследен до Собранието, како што рече Заев, е за економска стабилност и забрзан раст со долгорочна фискална консолидација.
„Буџетот е избалансиран со фокус на здравстениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системската функционалност и поддршка на реформите во правосудството и еворинтеграциите.
Предлог-буџетот за 2021 година обезбедува одржливост, рационализирање на трошоците со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, како и предизвици на проекции со цел ефикасно справување со пандемијата. Дополнително обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата“, наведе Заев.
Како што укажа, клучот за подобрување на економската состојба и состојбата на пазарот на трудот е подобрување на здравствената состојба и намалување на бројот на заразени лица.
„Во таа насока главните приоритети на буџетската политика во 2021 година се поддршка на здравствениот сектор како прв приоритет, што значи заштита на здравјето и животите на луѓето којшто е пресликан во предлог буџетот за 2021 година, економско заздравување и економски раст преку мерки за социјално ранливи категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места, непречено функционирање на основните функции на државата и поддршка на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции“, рече Заев.
Распределбата на буџетот по функционални области предвидува 70,2 милијарди денари за економски работи, за здравство 40,8 милијарди денари, заштита на животната средина 1,4 милијарди денари, образование 28,6 милијарди денари, социјална заштита 90,28 милијарди денари, одбрана 9,92 милијарди денари, јавен ред и мир 17,2 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 проценти повеќе во однос на планот за годинава при што за финансирање на инвестиците планирано е да се обезбедат средства од повеќе извори: буџетски средства, ИПА фондови и заеми.
Тие се наменети за реализација на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштита на животната средина и правосудството.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, предложениот буџет е за ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст. Поради здравствено економската криза буџетот е планиран на нов, подолгорочен и посеопфатен начин, согласно концептот на смарт финансии.
Со овој буџет, потенцираше Бесими, почнуваме нов концепт, фискалната година од 12 месеци се менуваме со петгодишна рамка. Оваа среднорочна рамка го опфаќа растот, дефицитот, јавниот долг, како и капиталните проекти – кои вообичаено се реализираат во повеќе буџетски години и немањето на среднорочна рамка е една од причините за послабата реализација.
Со буџетот се планира, стратегија за заздравување на економијата и забрзан раст, политики за буџетска консолидација и план на јавни инвестиции од 2021-2025.
„Вкупните приходи и расходи се проектирани на реално ниво во предлог-буџетот за 2021 година, со тоа што буџетските приходи се проектирани на 212,8 милијарди денари или за 8,5 проценти повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година.
Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,6 милијарди денари или за 2 проценти пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година.
Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 проценти од БДП. Ова е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година“, информираше Бесими.
Фискалната консолидација, потенцираше, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во буџетот е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија и раст.
„Оттаму, предвидовме политики со кои во следните пет години постепено ќе се намалува истиот – односно во 2022 година тој е проектиран на – 3,8 проценти, во 2023 година на -3,2 проценти, во 2024 на -2,8 проценти и 2025 година на -2,1 процент.
Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг, односно проекцијата е дека до 2025 тој ќе се намали на 58,8 проценти од БДП“, рече министерот за финансии.
Бесими посочи дека се наоѓаме во екот на најголемата светска економска криза од последниот век, период на голема непредвидливост и со голема веројатност дека во текот на наредната година ќе имаме потреба од ребаланс.
„Ова е време на тешки одлуки, важни за нашата иднина. Ние се решивме, тие да бидат одлуки за справување со пандемијата, ефектите од истата врз економијата, а воедно да работиме на реформи и инвестираме за побрз раст и подобра иднина за сите граѓани“, наведе Бесими.
Фискалната консолидација се планира да се постигне преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.
Како што најавија Заев и Бесими, подобрувањето на наплатата на буџетските приходи ќе се спроведе преку: мерки за намалување на сивата економија, како и за спречување и сузбивање на корупцијата, зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва, како и стратегија за даночна политика која ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.
Премиерот информираше дека се работи на оригинален функционален механизам за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции и развојните проекти преку што ќе биде воведена методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст.
Тоа значи казнување и наградување на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба економија со поголема реализација на капиталните расходи.
Ќе има промени во изворите на финансирањето на буџетскиот дефицит, преку репрограмирање на јавниот долг и издавање развојна државна обврзница, како и поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, приватизација на дел од акционерските друштва во доминатна или делумна државна сопственост, како и на дел на земјиштето во државна сопственост, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавни приватни партнерства и основање развоен фонд за стратешки инвестиции.
Според Заев, планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и стратегијата за економско заздравување и забрзан раст се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на предкризната патека на раст во првата половина од 2021 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа.
Очекувањата на Владата во 2022 година растот да изнесува 4,6 проценти, во 2023 од 5,2 проценти, во 2024 од 5,6 проценти, а во 2025 од 5,9 проценти, а о периодот од 2026 до 2023 се предвидува стабилизирање на просечна стапка на економски раст од 5,75 проценти годишно.
МИА/Фото: Влада