Струшкиот хирург Владимир Кочоски почина на Скопските клиники од компликации предизвикани од Ковид-19.
Информацијата за МИА ја потврди директорот на Општата болница во Струга, Мухамед Асани, кој изрази жалење за големата загуба на својот колега и голем професионалец.
– Доктор Кочоски од Ковид-19 се лекуваше во Струшката болница, потоа беше транспортиран на Инфективна клиника во Скопје, каде се лекуваше речиси три недели. По добивањето на негативниот тест за коронавирусот состојбата му се влошила и почина од компликации предизвикани од вирусот, изјави Асани.
Кочоски е првата жртва на Ковид-19 од медицинскиот кадар во Струшката болница, а вчера од лекување од Скопските клиники се вратил доктор Зоран Костојчиноски дерматолог во Болницата.
Во Општата болница во Струга, како што информира директорот, во моментот 20-тина медицински лица се позитивни на Ковид-19.
МИА/Фото: Фејсбук/Кочоски