еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Сите детали: Кои граѓани ќе добијат еднократна помош од 6.000 денари?

Пратениците од власта и опозицијата денеска едногласно го усвоија Законот за едонкратна финансиска поддршка од 6.000 денари на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници наменета за купување на македонски производи и услуги.

Парите ќе им бидат префрлени на транскациска сметка, а треба да ги искористат до 25 декември, годинава за купување македонски производи и услуги.

За да стане појасно кои граѓани влегуваат во категориите кои ќе добијат помош Ви пренесуваме дел од објаснувањето во законот:

„Граѓани со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се евидентирани како други лица кои бараат работа (пасивен барател на работа) во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.

„Корисници на пензија“ се државјани на Република Северна Македонија, евидентирани во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход по основ на пензија не поголем од 120.000 денари, односно месечен износ на доход по основ на пензија не поголем од 15.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.

„Корисници на право на социјална сигурност на стари лица“ се лица со навршена 65 годишна возраст, кои согласно Законот за социјална сигурност на старите лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19) користат право на социјална сигурност и се евидентирани во центрите за социјална работа.

„Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16
години и не постари од 29 години на 27.9.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основани од Република Северна Македонија), а не биле опфатени, односно биле испуштени во претходниот пакет на економски мерки, согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука.

„Самохран родител“ е родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности евидентирани во Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.

Самохран родител кој не користи парични права од социјална заштита и заштита на деца, како и услуга од социјална заштита, поднесува барање со потребна документација (извод од матична книга на родени, извод од матична книга на умрени, потврда за исчезнат родител и потврда за привремена спреченост поради лекување, издржување на казна затвор и сл.) во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон до надлежниот центар за социјална работа, кој по утврдување на статусот на самохран родител изготвува листа на самохрани родители.

„Дeте без родители и родителска грижа“ е дете чии родители не се живи, кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права или должности ставени под старателство од надлежен центар за социјална работа.

„Уметници и други лица кои вршат дејност во културата“ се државјани на Република Северна Македонија кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор, заклучно со 27.09.2020 година, се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата и кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи).

„Филмски работници“ се државјани на Република Северна Македонија кои учествуваат во производство на филм и кои последните пет години работеле на минимум три филма поддржани од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, евидентирани во Министерството за култура, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.

„Естрадни уметници“ се лица кои учествуваат во создавање и интерпретација на изворна или современа и новокомпонирана музика и се членови на Здружението на естрадни уметници на Македонија, евидентирани во Министерството за култура, заклучно со 27.09.2020 година, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Висока корупција и бавна правда: Извештај на Стејт департмент за човековите права во Македонија

Редакција

Границатата со Грција останува затворена најмалку до 8 март

Редакција

Намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци за 10% наредната недела

Редакција