Следниот Совет на ЕУ е многу блиску до претстојните избори во Бугарија за да се очекува некаква одлука за прифаќање на преговарачката рамка за земјава со ЕУ, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, додавајќи дека очекува реална можност со пробив по ова прашање во мај или јуни.
– Има растечка и голема решеност да има успех. Имавме добра, чиста, јасна одлука во март минатата година, која не се реализираше. Нас ни треба тој успех, на регионот му треба тој успех, на Европската унија и треба тој успех, изјави Димитров одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која заедно со премиерот Зоран Заев ја промовираа агендата „Европа дома“ за примена на европските стандарди во земјава.
Димитров истакна дека по завршување на изборните циклуси во неколку важни земји членки на ЕУ, како и во Албанија во претстојниов период, очекува да се создаде атмосфера за изнаоѓање консензус за усвојување на преговарачката рамка со земјава и за одржување на првата меѓувладина коференција.
– Она што ние овде денеска го правиме е јасен сигнал дека вложувајќи максимални напори да го пробиеме патот, немаме луксуз да ја запоставиме работата дома. Меѓу другото, пристапните преговри се алатка за носење на европските стандарди дома, додаде Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање за објавата на социјалните мрежи на карта на т.н. Санстефанска Бугарија од страна на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, Димитров истакна дека смета оти станува збор за предизборен фолклор во пресрет на парламентараните избори во Бугарија.
– Колку поголема реакција ова ќе предизвика кај нас, можеби ќе има поголем ефект, а можеби тоа било и идејата. Ние што навистина сакаме добрососедство и пријателство треба да сме внимателни во тоа што го зборуваме и го објавуваме на социјалните медиуми.
Посебно треба да избегнуваме изјави и објави коишто наликуваат на територијални претензиии и се против Договорот за пријателство и нашето сојузништво во НАТО, додаде Димитров.
Надоврзувајќи се на оваа прашање, премиерот Зоран Заев изјави дека потегот на Каракачанов го смета за изборен фолклор и дека секое коментирање би значело вмешување во предизборието во Бугарија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Каракачанов со карта на Санстефанска Бугарија, во која влегува и Македонија честиташе 8 Март
МИА/Фото: Влада