Летниот период ќе биде искористен за обука на наставниот кадар во прво и во четврто одделение, во кои од есен ќе почне да се спроведува новата Концепција за основно образование, а Бирото за развој на образованието работи на подготовка на нови наставни програми, информираат од Министерство за образование и наука (МОН).
Во моментов програмите се во изработка, за прво одделение ќе бидат наскоро, а за четврто за околу три недели, по што ќе се подготвуваат модули за обука на наставниот кадар.
– Обуката за обучувачи ќе биде на крајот на април, во мај прв модул, во јуни втор модул и во август трето видување за конечни инструкции и влегуваме во настава. Нема да биде совршено, но ќе учиме од секој нов ден. Важен е ентузијазмот на наставниците и нивната посветеност, изјави министерката Мила Царовска за Македонската радио-телевизија.
Таа повтори дека наставниците не треба да се грижат дека некој ќе остане без работа. Нивниот статус е на неопределено време и никој не може, како што рече, „да ги промени кога сака или да ги третира како подобни и неподобни“.
– Дополнително, нема да се смета колку наставни часови имаат, туку колку часа се во училиште, за да добијат учениците освен задолжителни и воннаставни и изборни предмети. Проактивните наставници ќе можат да заработат повеќе, додаде Царовска.
Фото: Општина Центар