Фирмите и самостојните вршители на дејност за помош за плати за февруари и март од петтиот пакет мерки ќе може да аплицираат до 30 април годинава. Пролонгирањето е направено преку усвоени амандмани денеска на Комсисијата за финансирање и буџет, на која беа прифатени законските решенија од петиот пакет антикризни мерки.
Поради доцнењето на усвојувањето на мерките, прифатен е едногласно амандманот на Законот за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за месеците февруари и март, по скратена постапка, како и на законот за финансиска поддршка на работодавачите.
За оваа помош можат да аплицираат самостојни вршители на дејност и работодавачи на кои им се намалил профитот за 30 отсто, а ќе мораат да вратат 50 отсто од средствата или да ги реинвестираат.
Беше прифатен и амандман на Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза заради исплата на платите за февруари и март, со којшто ќе се овозможи за помош да можат да аплицираат и компании кои се целосно затворени или работат до 50 отсто од нивниот капацитет.
На Комисијата не беа прифатени амандманите на ВМРО-ДПМНЕ со кои се бараше помошта да биде за февруари, март, април и мај, парите да се префрлат директно на трансакциска сметка на работниците, а средствата да бидат неповратни.
Според заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски мерките од петтиот пакет мерки се влезени во Буџетот и не може да се продолжат за месеците април и мај и дека платата на работиците се исплаќа преку работодавачите.
Комисијата за финансирање и буџет денеска прифатија и уште еден амандман со којшто се овозможува граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници до 31 мај да аплицираат за помош од шест илјади денари. Оваа мерка беше предвидена во рамките на четвртиот пакет антикризни мерки на Владата.
На почетокот на седницата претседателот на Комисијата информираше дека поднесените амандамни од Алијанса за Албанците и Алтернатива се повлечени. Тоа се случи откако беше постигнат договор за Закон за државјанство.
Се уште нема информација кога Собранието ќе ги одржи седниците на кои треба да бидат усвоени овие законски решенија.
МИА