Владата денеска го утврди текстот на предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование кој доаѓа од потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците, соопшти Владата.
„При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
Имено, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи кои имаат за цел да го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето „зелена“ и дигитална Европа.
Првата иницијатива е заживување на Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот.
Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа.
Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време. Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики.
Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време.
Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука.
Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини, да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците“, информираат од Владата.