еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Пендаровски не го потпиша указот за законот за легализација на дивоградби

Претседателот Стево Пендаровски, го известил претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека одлучил да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, информираат од Кабинет на претседателот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Добро дојдовте во Република Дивоградба“: Твитер реакции за законот за легализација на дивоградбите

Што се и каде ќе може да се легализира: Усвоен законот за легализација на дивоградби

Во продолжение е интегралниот текст на известувањето до Џафери:

“Врз основа на член 75, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со член 38, став 2 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, Ве известувам дека одлучив да не го потпишам Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 11 мај 2021 година.

Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот.

Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт.

Текстот на Законот е спротивен на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок.

Имено, фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност.

Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој што е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Дополнително, во член 51, став 2 од Уставот е определено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи.

Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напоринашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните.

Понатаму, особено спорен е член 41 од текстот на Законот со кој од денот на влегување во сила на Законот се предвидува „запирање на управни постапки кои не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и управните и судските (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек“.

Оваа одредба е спротивна со член 8, став 1, алинеја 4 од Уставот каде што поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт е дефинирана како темелна вредност на уставниот поредок.

Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

Неспорна е уставната надлежност на Собранието, во согласност со член 68 од Уставот, да дава амнестија. Но, амнестијата, како што налага законодавната пракса, треба да биде дадена со посебен закон за амнестија, а во образложението кон евентуалниот таков закон треба да се образложи општествената оправданост односно јавниот интерес за давањето на амнестијата.

Преодните и завршните одредби на Законотза утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се местото кадешто на нетранспарентен начин ќе биде дадена амнестија.

Донесениот Закон, исто така, е спротивен на член 43 од Уставот во кој секому се гарантира правото на здрава животна средина, а државата се обврзува да создава услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“.

Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, адополнителноможноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата.

Можноста, во наведениот член, за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство.

Конечно, но не и помалку важно, како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура.

Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади.

Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение.

Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот“.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почна вториот изборен круг: Денеска гласаат болните, немоќните, лицата со Ковид-19, затворениците…

Редакција

Детален преглед на состојбата со Ковид-19 по болниците низ Македонија

Редакција

До сега се потрошени 100 евра: Владата не знае колку пари ќе потроши за кампањата за референдумот за името

Редакција