еМагазин
Image default
Забава

Концерт „Мелем песна“ на „Танец“ на Скопско лето

Концертот „Мелем песна“ на хорот и оркестарот на „Танец“ е дел од новата сезона на ансамблот, симболично наречена „Враќање“, во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на отпочнувањето на новиот сценски живот после пандемискиот застој.

Овој концерт во рамките на фестивалот „Скопско лето“ е петти во низата концерти на отворено од првата летна вокално-инструментална серија, кои се одржуваат во пет македонски градови – Велес, Прилеп, Македонска Каменица, Кавадарци и Скопје.

По нив, „Танец“ ќе ја започне и втора серија од три големи музичко-сценски концерти, наречена „Танец под ѕвездите“, на фестивалите во Струмица, Охрид и Битола.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, кој е формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционалните песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ.

„Танец“, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро) е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство.

„Танец“ ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 72 години од своето постоење, „Танец“ има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн и многу други.

Ансамблот „Танец“ поседува уникатна збирка на оригинални традиционални носии со исклучителна вредност и убавина, од различни региони во земјата (повеќе од 2.000 автентични носии), така што секој концерт нуди уникатно аудио-визуелно искуство на публиката ширум светот.

Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните регионални музички и кореографски стилови на богатиот македонски фолклор.

„Танец“ е ансамбл кој е познат и почитуван во целиот свет, кој ужива посебен углед заради професионалниот пристап и автентичноста на репертоарот. Брои 40 професионални танчери, 20 пејачи и 20 инструменталисти, кои лесно се комбинираат во различни формации.

„Танец“ за својата седумдецениска дејност има добиено бројни награди и признанија, меѓу кои Гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија, потоа „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.

Фото: Танец

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) „Луда журка“ во Карпош за време на полицискиот час

Редакција

(Видео) Групата „Ван Гог“ видео-спотот за „Готово е се“ го посветија на легендите Милена Дравиќ и Драган Николиќ

Редакција

„Охридски фестивал на виното“ од 8 до 10 септември: Кој се ќе настапи

Редакција