Во разговор за телевизијата Сител, епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски зборуваше за симптомите на новиот делта сој и за тоа кога е потребно граѓаните да побараат медицинска помош.
– Интересно кај делта сојот е дека многу умешно си направи една мимикрија за да не биде препознаен, се измаскира во однос на алфа сојот и на оној класичниот тип од Вухан.
Со тоа што овојпат кај делта апсолутно предоминираат симптоми на обична настинка – главоболка, болка во грлото и течење на носот. Она што беше класика за алфа – кашлица, губење на мирис и вкус, итн. некако се повлекоа во заден план, објаснува Даниловски.
Според него, кога станува збор за делта сојот, нема начин да се направи разлика меѓу Ковид-19 и обична настинка и тоа може да се провери само со тестирање.
– Препорачливо е ако се појават вакви симптоми, и уште згора на сѐ се појави зголемена телесна температура, тој што ќе го искуси тоа да не шета безгрижно наоколу, туку да си направи тест и додека го чека резултатот да си остане дома.
Како и досега, лицето треба да побара медицинска помош ако се појави упорно покачена температура, отежнато дишење, тешка малаксаност, итн.,препорачува д-р Даниловски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Доктор Даниловски вели дека делта сојот манифестира слични симптоми како и настинката
Фото: МЗ