Министерството за здравство информира дека заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани.
“Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата.
Според последната анализа во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за Ковид-19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза.
Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена.
Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, АстраЗенека, Спутник В, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна“, велат од Министерството.
Министерството за здравство апелира дека во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење.
„Во државата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација. Во моментов за прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 AстраЗенека и 70.000 Фајзер„, велат од Министерството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Македонија има триесетина случаи на делта варијантата, британската се уште доминантна
Фото: МЗ