еМагазин
Image default
Македонија

Продолжува пописот, првиот ден попишани над 90.000 лица

Започна третиот попис на три дена пред одбележувањето 30 години независност на Македонија. Во текот на вчерашниот ден попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на најголемата статистичка операција во земјава.

Првиот ден помина без забелешки, а државниот врв, партиите и невладините организации повикаа граѓаните да соработуваат.

Пописот започна без одбивање за попишување од страна на граѓаните, а не бил пријавен ниту каков било технички проблем, изјави вчера директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

Ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации кои мора да ги покажат.

Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Претседателот Стево Пендаровски вчера во интервју за Радио Слободна Европа нагласи дека не очекува дека поради политички тензии некој може да ги компромитира резултатите од пописот.

-Ние не можеме сосема и да сакаме да излеземе комплетно од таа матрица на пребројување по етничка припадност оти во нашиот Устав има одредба дека одредени права и статуси им припаѓаат и на оние немнозински заедници кои се најмалку 20 отсто од популацијата, така што тоа е одредба од Рамковниот договор, тоа е одредба од нашиот Устав, мораме да ја почитуваме, инаку се согласувам како што одминуваме, неодамна прославуваме 20 годишнина од Рамковниот договор, мислам дека пребројувањето само и само по етничката припадност треба да стане дел од историјата, истакна Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев преку „Фејсбук“ ги повика граѓаните да соработуваат со попишувачите со цел после 20 години да се добијат релевантни податоци кои ќе бидат основа за креирање на идните политики.

– По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните.

Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија, напиша Заев.

Дека ова претставува најважната статистичка операција спроведена од осамостојувањето до сега, вчера преку видео порака порача и министерот за правда Бојан Маричиќ и информира дека државите членки на Обединетите Нации се обврзани да спроведуваат попис, но, нагласи дека тоа е обврска која ја имаме кон државата и пред се кон граѓаните.

-Граѓаните и попишувачите соработуваат одлично на терен. Посебно сум задоволен што се почитуваат сите здравствени протоколи и дека граѓаните се среќни што можат директно да придонесат за доброто на државата, објави вчера Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Демократската унија за интеграција апелираше граѓаните да се регистрираат сите, бидејќи, според нив преку овој процес на Попис кој се реализира по многу години, покрај бројките што ќе ја покажат реалноста во земјата во етнички и граѓански состав, но и дека ќе покажеме пример и вредности и во регионот.

Земјата е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен Државниот завод за статистика. Во организацијата и спроведувањето на Пописот учествуваат и Советот за статистика, комисиите за пописните реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници согласно одредбите од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пописот заврши успешно, тврди директорот на ДЗС, резултатите до крајот на март

Редакција

Пациентите со делта сојот на Ковид-19 не биле вакцинирани, еден е во многу тешка состојба

Редакција

Не сум учествувал на никакви тајни средби: Груевски го демантира Ахмети

Редакција