еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ковид-сертификатите на македонските граѓани во Грција нема да се скенираат, само треба да се покажат

Со едноставно покажување на хартиениот сертификат за вакцинација и документ за лична идентификација, а не со скенирање преку специјалната грчка апликација, во внатрешноста на Грција ќе се проверуваат потврдите издадени од трети земји, соопштуваат од Генералниот секретаријат за трговија и заштита на потрошувачите при Министерството за развој и инвестиции на Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, станува збор за неевропски сертификати, односно за сертификати од земји што не се членки на Европската Унија, а апликацијата што се користи во Грција, едноставно не ги препознава.

Па така, како што вчера објави МИА, државјани на трети земји, меѓу кои и туристи од Северна Македонија, но и од Србија, се соочија со проблеми и иако со валиден сертификат не можеа да влезат во продавници, кафулиња и ресторани, со оглед на тоа што со воведувањето на новите мерки од саботата, за влез речиси во сите објекти во Грција е потребен документ за Ковид-19 што се скенира преку специјалната апликација.

Откако вчера, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина објасни дека независно од тоа што апликацијата не ги препознава, сертификатите се валидни и со нив се овозможува влез онаму каде што е неопходен сертификатот, денеска со соопштение излезе и надлежниот Секретаријатот за трговија и заштита на потрошувачите.

Од Секретаријатот ги информираат, како потрошувачите така и угостителските и малопродажните компании и местата за забава и им укажуваат дека „влез и услужување на странски клиенти кои поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за неодамна прележана болест од земја вон Европската унија, е дозволен со едноставно покажување на хартиениот сертификат и на документ за лична идентификација (пасош), без да биде потребно контрола со специјалната апликација „Covid Free GR”.

За влез во речиси сите затворени простори во Грција, како што се молови, продавниците, но и отворените и затворените делови на кафулињата, рестораните, таверните и сл, од саботата, задолжителен е документ за Ковид-19, чија проверка се врши заедно со документ за лична идентификација.

Исклучок се супермаркетите и продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и црквите.

По соодветните официјални појаснувања за прашањето кое вчера го покрена МИА, државјаните на Северна Македонија кои во Грција имаат намера да посетат некој од објектите во кои се бара ковид документ, потребно е да го имаат сертификатот за вакцинација или потврдата за прележана болест во печатена верзија заедно со пасошот.

Дополнителна опција е да го симнат европскиот сертификат, кој со оглед на тоа што е по ЕУ стандардите, го препознава грчката апликација.

Без разлика која опција ќе ја одберат, неопходен е и документ за лична идентификација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонците викендов се соочија со проблем во Грција: Грчката апликација не ги препознава ковид-сертификатите, се проверуваат рачно

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Рангелова си поднесе оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Игуменот на Свештената Бигорска Обител, Партениј по повод Божик: Почитта кон нашата слобода и денес се спростира врз сите нас, во тоа се состои „лудата љубов Божја“

Редакција

„Политико“: Европа во војна за вакцини против Ковид-19 со фармацевтските куќи

Редакција