Се додека во Бугарија не се формираат влада, односно, претходно не конституираат Парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои во моментот се уште немаат целосен полтички легитимитет, вели претседателот Стево Пендаровски.
– Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат.
Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија, вели Пендаровски на новинарско прашање за различните позиции на актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев, кој е и кандидат за втор мандат и на идниот можен мандатар на новата влада, Кирил Петков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Кој е приватно и службено, Кирил Петков, можниот иден премиер на Бугарија
Пендаровски вели дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист.
-Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на нивно на Министерство за надворешни работи, кои де факто и досега ги водеа разговорите, кажа Пендаровски на заедничката прес-конференција со полскиот колега Анджеј Дуда.
Во однос на изјавата на Радев дека во земјава се врши систематска дебугаризација и ако тој победи на изборите и продолжи со вакви изјави дали треба да реагира државата, Пендаровски рече дека и во изминатиот период кога Бугарија беше во серија на изборни процеси, нашата земја преку МНР реагирала регуларно, редовно на сите средби со претставници на бугарското МНР на вакви и слични изјави.
Според него, овие изјави очигледно не се втемелени во реалноста, а гол факт за тоа, според него, е пописот кој штотуку заврши.
-Туку што го завршивме пописот, не постои ниеден, ни вербален, ни писмен документ или пријава до Комисијата која се бори против дискриминација, која е единствено надлежна за тие работи, ниту пред други евентуално надлежни органи – обвинителства, полиција, итн., ниту еден единствен случај на човек кој се изјаснил како Бугарин, а тоа не му било оневозможено од попишувачите.
Значи, ако попишавме над 1.800.000 луѓе и ако од таа страна се тврди дека има над стотина илјади наши граѓани кои имаат бугарско државјанство, а ниеден од нив не се пожалил дека му е оспорено правото да го искаже своето национално чувство, се прашувам за каква системска дебугаризација зборуваме во моментов?
Претпоставувам дека станува збор за изјави кои можеби одат далеку во минатото, меѓутоа јас секогаш сум инсистирал во сите разговори со нашите бугарски пријатели дека кога разговараме за влез во ЕУ која е формирана 1957 година и има јасен сет на критериуми и принципи според кои се влегува таму, се преговара и се станува член, да не разговараме за 10 или 15 век, да им го оставиме тоа на историчарите.
Во актуелниов момент, повторувам, и пред пописот, а и по пописот нема ниту еден пријавен случај на наш граѓанин кој се изјаснил како етнички Бугарин, кој живее во Република Северна Македонија и побарал заштита од нашите надлежни органи, бидејќи тоа наводно му било оневозможено, вели претседателот Пендаровски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Кабинет на претседателот