По минатотогодишното онлајн издание, Винарската визба „Тиквеш“ оваа година ја продолжи традицијата на Фестивалот на младо вино во својот вообичаен формат и на добро познатата локација.
Оваа година, наместо два, фестивалот се одвиваше во текот на три дена, со цел да се обезбеди што поголем број јавни личности, соработници на винарницата, претставници на дипломатскиот кор, институциите, бизнис секторот и на медиумите од земјава и регионот да можат да уживаат во младите вина од последната берба, а притоа да се чувствуваат безбедно, почитувајќи ги пропишаните мерки за заштита од Ковид-19.
„Ме радува што сме повторно овде во ,Тиквеш’, на местото каде што се создава врвното вино и што имаме можност да ја продолжиме оваа традиција, да прославиме со она што нé спојува, а тоа е љубовта кон виното и животот и секако заедно да наздравиме за посреќна иднина“, истакна меѓудругото претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето поздравно обраќање на годинешниот Фестивал на младо вино.
„Благодарение на големите залагања на целиот тим и на нашите партнери – лозарите, како и на обемните вложувања и нашето инсистирање и упорност во почитување на стандардите и оваа година успеавме да произведеме одлични вина, кои верувам дека ќе ни донесат нови високи оценки и признанија и со тоа ќе останат најдобрите амабасадори на нашата земја и на нејзините уникатни убавини во светот“, потенцираше Јаневски.
Според оценките на енолозите и првите впечатоци од дегустираните млади вина од страна на посетителите на фестивалот, вината на „Тиквеш“ од годинешната берба се со одлични карактеристики.
Белите вина располагаат со одлична ароматика и свежина, розе вината изобилуваат со нежни овошни ноти и свеж вкус, а црвените се истакнуваат по својата комплексност и структура.
Особено висок потенцијал за освојување нови награди и признанија на реномирани светски вински натпревари имаат вината добиени од црвените сорти: вранец, каберне совињон, сира, мерло и гренаш, а кај белите сорти се истакнуваат белите вина од сортите темјаника и траминец.
Инаку, покрај одличното вино и вкусната храна, за добрата атмосфера во текот на трите дена од годинешниот Фестивал на младо вино се погрижија Мијата и Дани од македонската поп-музичка сцена, како и Амира Медуњанин и Нина Бадриќ, како претставнички на регионалната музичка сцена, а водител на настанот беше актерот Сашко Коцев.
И оваа година, согласно својата определба за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ им овозможи на сите посетители на Фестивалот да дадат свои парични донации, а за возврат винарницата на секој од нив им подари уникатно младо вино, кое не може да се најде во продажната мрежа.
Собраните средства се наменети за поддршка на функционирањето и активностите на организацијата СОС Детско Село.
Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ се одржува секоја година во третиот викенд од месец ноември, истовремено со останатите фестивали ширум светот посветени на младото вино.
Овој фестивал е прв од ваков карактер во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји – производители на вино.