еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Животот го осигурале над 242.000 граѓани, вложиле 21,5 милиони евра за 9 месеци

Вложувањата во животно осигурување достигнаа 1,32 милијарди денари (21,5 милиони евра) и во првите девет месеци годинава се зголемени за 12 отсто во споредба со истиот период лани. Повеќе од 242.000 граѓани имаат полиса за осигурување живот заклучно со крајот на септември годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Во периодот јануари – септември петте компании за животно осигурување склучиле над 39.000 договори за осигурување.

„Во износот на вкупни вложувања во животно осигурување најголемо е учеството на осигурување живот во кое е вклучена и штедната компонента. Овој осигурителен продукт со полисата за осигурување живот нуди можност вложените средства за осигурување да се штедат и по истек на рокот на полисата да му бидат исплатени на осигуреникот.

Во осигурување живот со штедна компонента во првите девет месеци годинава се вложени 838 милиони денари (13,6 милиони евра).

Во класичното животно осигурување кое покрива ризик смрт, во овој период, се вложени 237 милиони денари (3,9 милиони евра). Овој продукт, популарно познат како „ризико осигурување“, нуди финансиски надомест за членови на семејство или блиски лица во случај осигуреникот да почине, но нема штедна компонента.

Тоа значи дека вложените средства не се враќаат на осигуреникот на истек на договорот за осигурување,“ се вели во соопштението.

„Јунит линкд“ осигурувањето е најновата класа на нашиот осигурителен пазар за животно осигурување. Кај ова осигурување вложените средства не се штедат, туку се вложуваат во удели на инвестициски фондови кои купуваат акции и други хартии од вредност кои се тргуваат на светските берзи. Кај оваа класа осигурување ризикот од вложување го носи осигуреникот.

Затоа и нема гарантирана осигурена сума која се исплаќа кога завршува периодот на осигурување. Тоа значи дека кога истекува рокот на договорот осигуреникот добива колку што во тој момент вредат уделите на инвестицискиот фонд во кој се вложени парите.

Во првите девет месеци во овој осигурителен производ се вложени 250 милиони денари (4,1 милиони евра). Забележлив е тренд на раст на ова осигурување во вкупното животно осигурување.

За првите девет месеци петте осигурителни компании по сите основи исплатиле штети во вкупна вредност од 400 милиони денари (6,5 милиони евра). Од тоа при смртни случаи на осигуреници на нивни блиски лица и членови на семејства покриени со „ризико осигурување“ се исплатени 36,3 милиони денари (590.000 евра).

Кај осигурувањата со штедна компонента се исплатени 345 милиони денари (5,6 милиони евра) на осигуреници на кои: им истекол договорот, го прекинале осигурувањето или биле обештетени блиски лица на осигуреници кои починале.

Кај „јунит линкд“ осигурувањето за овој период се исплатени 17,2 милиони денари (280.000 евра) штети. Во тој износ откупот (предвреме прекинати договори на барање на осигуреници) учествува со 12,6 милиони денари (205.000 евра).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со кредитот од Светска банка ќе се набавува скапа терапија за третман на пациенти заболени со Ковид-19

Редакција

За половина денар поскапи бензините, за исто толку поевтин дизелот

Редакција

Нова ера во Хрватска: Томашевиќ, кандидатот на зелено – левата коалиција „Можеме“ нов градоначалник на Загреб

Редакција