Македонски Телеком ja пушти првата комерцијална 5G мрежа во Македонија и овозможи користење на 5G услуги паралелно и во комбинација со 4G, со напредна технологија за динамично користење на постојните радиофреквенции.
Подготовките за воведување на 5G технологијата започнаа во 2018 година со првата лабораториска демонстрација на 5G, а во 2019 година Телеком ја постави првата реална тестна мрежа преку којашто се постигнаа брзини на пренос на податоци од 1Gbps, десет пати поголеми од 4G.
Македонски Телеком е во екот на имплементацијата на новата 5G радио пристапна мрежа и за половина година успеа да обезбеди покривање со 5G сигнал на 15 градови и нивните околини: Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Битола, Прилеп, Крушево, Охрид, Струга, Ресен, Струмица, Радовиш, Гевгелија и Дојран.
Од овој месец започна имплементацијата на 5G во Скопје и околината, а до мај, сите корисници од главниот град и поширокиот скопски регион ќе имаат пристап до 5G услуги.
До крајот на октомври 2022 година, со опрема од најновата генерација ќе бидат покриени 26 градови во Македонија.
Мрежата на Телеком е подготвена да овозможи супер брз гигабитен мобилен интернет, веднаш по завршувањето на процесот за доделување на радиофреквенции за радио опсезите на 700MHz и 3.6GHz од страна на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
„Пред три години ги почнавме првите подготовки за технологијата на петтата генерација, а денес ја имаме првата комерцијална 5G мрежа. Изминатите години се подготвувавме, инвестиравме, тестиравме, градевме и зборувавме за иднината, сега можеме да кажеме дека 5G е тука.
Го исполнивме еден од најважните предуслови за четвртата индустриска револуција, а со добивањето на новите 5G радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме“, изјави Никола Љушев, главниот извршен директор на Македонски Телеком.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој се и како ќе може да ја користи 5G мрежата на Македонски телеком