Завршено е прилагодувањето на софтверот и на системот за хлорирање во новата штипската филтер станица, која веќе прима вода од Хидросистемот „Злетовица“.
Директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Трајче Здравков на денешната прес-конференција рече дека се чека дозволата од Агенцијата за храна и ветеринатство (АХВ), за водата да се користи за пиење и готвење.
Штипјани веќе втор ден водата од водоводната мрежа можат да ја користат само како техничка, поради приклучувањето на цевководот на ХС „Злетовица“.
-Ние од претпазливост ја известивме Агенција за храна и ветеринарство и го чекаме нејзиното решение да ни издаде дозвола дека хлорирањето на водата е во ред и дека водата може да се користи од страна на граѓаните, истакна Здравков.
Директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски рече дека водата која пристигнува во новата филтер станица и се преработува со ултра филтрација е со одличен квалитет. Прилагодувањето на софтверот и на системот за хлорирање е од причина што Штип сега ќе се снабдува од два система за водоснабдување.
-Водата од ХС „Злетовица“ е помека вода, додека од бунарскиот систем на Штип е тврда вода, затоа мораше да се прилагоди софтверот и системот за хлорирање за да има квалитетно водоснабдување, нагласи Илиевски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека сите училишта, градинки и институции се обезбедени со флаширана вода, а низ населбите во градот има цистерни од коишто граѓаните можат да полнат вода за пиење и готвење.
Општинската организација на Црвениот крст од Штип ги повика граѓаните што се во изолација поради Ковид-19 или спаѓаат во ранливите категории ако имаат потреба да се јават за да можаат волонтерите пред нивните домови да им донесат флаширана вода.
Локалната власт бара разбирање од граѓаните, бидејќи со прилагодувањето на филтер станицата на двата системи, градот Штип во наредните децении ќе нема проблеми со водоснабдувањето.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Штипјани да не ја користат водата за пиење и готвење, апелираат од ЈП „Исар“
МИА