еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Идните бранови на Ковид-19, доколку ги има, би требало да бидат се послаби и со сé помалку жртви

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовна ја анализира состојбата со ковид во Македонија.

„Дневните броеви на нови ковид случаи беа во постојано намалување после врвот, постигнат на 24 јануари.

Меѓутоа, последниве денови како да доаѓа до застој во намалувањето, што се гледа од зелената линија на дијаграмот на втората слика.

Ќе почекаме уште неколку дена, но изгледа како да сме дојдени до минимумот.

На застојот укажува и ефективниот репродукциски број Rt = 1,03 ± 0,384 (на третата слика), којшто после подолго време се приближи кон единица, односно кон проста репродукција на бројот на новозаразени.

Дури и стапката на позитивни тестови, којашто сé досега стабилно се намалуваше, последниве денови започна да покажува знаци на застој (црвената линија на дијаграмот на четвртата слика).

Овие загрижувачки знаци можеме да ги толкуваме со преодното заладување на времето, поминувањето подолго време во затворени простории, со осмомартовските прослави, но исто така и со можното пристигнување на нови соеви на корона вирусот.

Последниве денови потсојот BA2 на омикрон сојот стана доминантен, со преку 60% учество, односно постепено го истиснува изворниот потсој BA1.

Засега изгледа дека тоа не би требало да предизвика поголеми проблеми поради високиот степен на колективен имунитет кај населението кон омикрон сојот.

Како што слушнавме деновиве, според прелиминарните резултати од минатомесечниот скрининг на антитела, пронајдени се антитела кај околу 80% од тестираните.

Ваквиот висок процент многу веројатно не се должи само на неодамнешната прележаност на омикрон сојот, бидејќи од неговото пристигнување во земјава лабораториски се потврдени само околу 30.000 нови случаи на Ковид-19.

Многу поверојатно е дека се работи за суперимунитет од двојно прележување или пак хибриден имунитет од вакцинирање и прележување, како и од тројно вакцинирање.

Во овој случај, антителата остануваат многу подолго, според странски моделски истражувања (објавени во списанието „Нејчер“) просечно 17 месеци кај 50% од лицата со суперимунитет.

За споредба, од еднократно прележување траат само околу 4-5 месеци. Така, постојат големи шанси голем дел од нашето население да биде заштитено најмалку уште една година дури и од заразување, а од тешка форма на болеста веројатно и многу подолго. Без хибридниот имунитет и помошта на вакцините, веројатно тоа не би го постигнале толку бргу.

Тоа би биле добрите вести, односно само врз основа на проценките на прележаноста и формата на епидемиолошките криви не би требало да очекуваме скорешно големо избувнување.

Сепак, ако ја оставиме на страна сегашната смирувачка ситуација кај нас, во неколку европски земји забележуваме ново разгорување на епидемијата и тоа не ни дава мир.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СЗО: Пак расте бројот на заразени со Ковид-19 во светот

Големо избувнување забележуваме во Австрија, Швајцарија, Холандија и Германија, а почеток на избувнувањето гледаме уште и во Словенија, Франција, Белгија и Велика Британија. Тоа се големи западноевропски земји и брановите на епидемијата во Европа во последно време започнувале токму оттаму, додека во Македонија обично пристигнувале подоцна.

Во Европа веќе има извесен број случаи од најновиот „делтакрон“ сој, хибрид на делта и омикрон сојот, за кого до скоро се сметаше дека не можел да постои, но гледаме дека сепак можел. Тоа не беше нешто неочекувано, затоа што големиот број на инфицирани луѓе во светот многу ја зголеми веројатноста за појава на нови соеви.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нова мутација на Ковид-19: Се појави делтакрон, кој е комбинација од делта и омикрон

Во наредните 10-15 дена во Македонија не би требало да дојде до голем пресврт, односно потребно е извесно време намалувањето на дневните бројки целосно да сопре, а потоа евентуално полека да започне да расте. Затоплувањето на времето, меѓутоа, можеби може да го поништи ова сценарио.

За разлика од минатата година во овој период од годината, кога прележаноста изнесуваше одвај околу 30%, кога бев речиси 100% сигурен дека ќе имаме избувнување на бран на делта сојот, сега шансите за нов бран ги проценувам на околу 60%.

При тоа, поради високиот степен на колективен имунитет на досегашните соеви, како и поради доаѓањето на пролетта не очекувам да видиме поголемо избувнување. Веројатно ќе се инфицираат само непрележаните и невакцинираните, чиј број секој ден станува сé помал.

Во секој случај, идните бранови, доколку ги има, би требало да бидат се послаби и со сé помалку жртви“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во Македонија регистрирани нови случаи на подваријанти на омикрон

Проф. Трајковски: Неофицијалниот број на починати од Ковид-19 или негови последици изнесува 16.147

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 21 мај директни летови од Скопје до Москва

Редакција

Судењето за “Рекет“ денеска затворено за јавноста, Боки 13 се пожали дека го нападнале затворски службеници

Редакција

Нема ни куќа, ни стан, ни автомобил: Каков имот пријавил бегалецот Никола Груевски

Редакција