Проруската самопрогласена „Народна Република Луганск“ во источна Украина наскоро би можела да одржи референдум за приклучување кон Русија, изјави лидерот на сепаратистите во Луганск, Леонид Пашечник во изјава за руската агенција РИА, пренесува Би-Би-Си.
– Мислам дека во блиска иднина ќе се одржи референдум на територијата на Републиката. Народот ќе го искористи своето најголемо уставно право и ќе го каже своето мислење за приклучување кон Руската Федерација, рече Пашечник.
„Народна Република Луганск“ е самопрогласена парадржава во источна Украина, управувана од проруски сепаратисти.
Рускиот претседател Владимир Путин ги призна самопрогласените „републики“ Луганск и Доњецк како независни држави во пресрет на окупацијата на Украина иако станува збор за украински територии.
Луганск е најголемиот и главен град на истоимениот регион. Во самопрогласената република живеат околу 1,5 милиони луѓе.
МИА/Фото: Unsplash