еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Кризата со храна ја потенцира важноста на домашното производство: Што ги одвраќаа земјоделeците од нивите

Со појавата на кризата со храна, поради војната во Украина, вниманието се насочува кон домашното производство и искористување на секоја педа на обработлива површина.

Но, ќе успееме ли за краток рок, од увозно зависни, да се насочиме кон сопствено производство?

Производството на пченица и пченка во последните години бележи пад. Имајќи ги предвид фактите на терен, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски одржа средба со претставници на земјоделски здруженија и преработувачи на којшто се разговараше за сите аспекти на развој на договорното производството на пченка и сончоглед.

На состанокот беа предложени мерки за развојот на ова производство и начинот на договарање меѓу двете страни за овие две суровини, пченката како важна суровина за производство на добиточна храна и сончогледот како суровина за маслото за јадење.

Владата има волја да го поттикне земјоделското производство и секоја педа да се засее со јачмен и пченица, но многу состојби во изминатите години го одвраќаа земјоделецот од нивите.

Субвенции по површина, не по обем на производство и квалитет

Директорката на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски во разговор за еМагазин вели дека треба да се свртиме кон она што се нарекува развојно производство.

„Има 120 милиони субвенции кои се доделуваат на годишно ниво, меѓутоа ефектот го нема, бидејќи се доделуваат по површина, и не се доделуваат по производство и квалитет.

Во земјите во Европската Унија, се субвенционира производството, а не површините. Пари од државата ќе добиете во зависност од тоа, колку сте произвеле и каков е квалитетот,“ вели Јоноски.

Земјоделците бараат и субвенционирање на репроматеријалите и таквите мерки и поддршки да не бидат ад-хок, туку системски.

Календарот на исплата исто така е важен, бидејќи земјоделците точно сакаат да знаат, кога ќе ги добијат парите за да го планираат производството.

„Години наназад бараме, секој однапред да си знае колку средства да очекува, така може да си го планира производството и така може и да го развива.

На пример, ако сега доаѓаат пролетните култури, првата поддршка да е сега во моментот, понатаму кога ќе е берба, итн..

Две години требаат за да се направи исплата за користење на средствата од некоја мерка. Сте вложиле ваши пари и чекате долго да Ви бидат исплатени, тоа ги одвраќа земјоделците да прават поголеми инвестиции.

Добро е ако има авансен капитал со кој можете да почнете,“ вели Јоноски.

Таа потенцира и дека нема добра инвестициска клима, бидејќи земјоделците не се подобни за земање каков било кредит.

„Кредит може да ви дадат како физичко лице, но не и бидејќи се занимавате со земјоделство. Тој сегмент може да го дополнува Македонска развојна банка со гарантен фонд кој е постојан. Земјоделците немаат пари, нема што да вложат,“ вели Јоноски.

Таа смета дека почесто треба да ги има огласите за земање на државно обработливо земјиште и истото да се даде на помалите производители.

„Повеќе се дава предност на големи компании кои веќе се развиени и имаат поголема можност да земаат поголеми обработливи површини. Не се вложува во индивидуални земјоделци и тука е главната точка околу која се прекршуваат ставовите со институциите. Многу помалку се вложува во овие помалите.

Има големи обработливи површини кои остануваат необработени, се земаат субвенции има злоупотреби, мали се теренските контроли, постојат корупција и политичко влијание. Треба секоја педа на обработлива површина, правилно да биде искористена,“ смета Јоноски.

Во однос на коиристењето на средствата од ИПАРД програмата нашата соговорничка вели дека потребно е со земјоделците да се работи на терен, бидејќи не се доволни само инфосесиите.

„Многу од земјоделците се одвраќаат, бидејќи е потребна обемна документацијата, исто така и не ги исполнуваат критериумите. Се бара имотен лист на фармата или земјата, а на пример во селата нема урбанистички планови,“ објансува Јоноски.

Со последните поскапувања на репроматеријалите за земјоделско производство, обемот на работа на терен ќе се зголеми, посебно на земјоделките. Она што е охрабрувачки, вели таа, е што тие нема да ја намалат обработливата површина и ќе го задржат производството што го имале изминатите години.

„Цената на вештачките ѓубрива е повеќекратно поскапена и сега ако за хектар трошеле по пет шест вреќи вештачко ѓубриво, ќе намалат на две или на три заради огромните поскапувања. Остатокот ќе го надоместат со разнесување на шталско ѓубриво, оние кои што го имаат.

Вештачкото ѓубриво на пример ако се расфрлало машински, сега ќе им се зголеми обемот на работа, бидејќи шталското ѓубриво ќе треба да го разнесуваат рачно.

Обемот на работа ќе се зголеми и поради недостаток на сезонска работна сила. На пример лани поради високите дневници кои ги бараа сезонските работници, но и поради нивен недостаток, повеќе работа падна на грбот на жената,“ додава Јоноски.

Здружен настап на земјоделците за повисоки откупни цени

Претседателката на Национална федерација на фармери, Васка Мојсова за еМагазин вели дека долги години апелира да се направи стратегија која е долгорочна за развој на нашето земјоделство. Состојбите, зависат од државните институции, големите откупувачки центри како и од земјоделците.

„Без разлика дали има или нема кризи, ние треба да имаме една визија каде ќе се движиме во следните 10, 20 или 30 години. Моментално најголем профит во домашниот буџет се влева од тутунот и виното, зошто да не инвестираме во тие гранки за да може тоа да се зголеми и повеќе пари да се влеваат во нашиот буџет, тоа ќе биде добро за државата.

Сите сме свесни дека Македонија е аграрна земја, кај нас имаме вреден и работлив народ, само потребно е да има стимул да работи, а тоа е да има профит од тоа што го работи.

За жал долги години големите монополски откупувачки центри, направија целата ситуација да биде ваква каква што е сега, неорганизираноста на самите земјоделци.

Потребно е здружувања во задруги, разни кооперативи и здруженија, во кои ќе може заеднички да настапат пред откупувачите,  да лобираат и со заеднички сили да се залагаат за повисоки цени,“ објаснува Мојсова.

Според нејзе, најважно во овие моменти е секоја педа земја да се посади и секоја педа државна земја која не се обработува, треба да се даде на земјоделците да ја обработуваат.

„Да се засеат површините со пченица, јачмен, а потоа долгорочно да се размислува за други култури кои ќе донесуваат профит во државата. Затоа што баш во овие моменти видовме колку ни е битна храната, и колку ни е битно да имаме домашна храна.

Криво ми е, бидејќи бевме држава која ја снабдуваше цела бивша Југославија, со храна, а сега ние увезуваме,“ вели Мојсова.

Друг вид на поддршка е вели таа, хотелиерите да имаат обврска на пример 30 проценти од храната која ја послужуваат на гостите да биде од домашното земјоделско производство. Како граѓани, треба да се насочиме кон купување на домашни земјоделски производи.

„Нашата организација Национална федерација на фармери, започна една кампања уште пред да почне корона кризата и сега само се докажа дека е така, кампањата гласи ‘Купувајте домашни земјоделски производи“, бидејќи сами на себе си помагаме. Друго е кога производот ќе се купи набран од овде и не е транспортиран по граници, директно доаѓа од нива на трпеза,“ вели Мојсова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ постигна договор за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел

Редакција

Каков имот пријавил Ќамил Ковачи, кој е нов директор на ЈП Улици и патишта

Редакција

Проф. Трајковски: Омикрон сојот и кај нас има помала стапка на смртност, но не и драстично помала како во државите со висока вакцинираност

Редакција