Планинарскиот клуб „Љуботен“ денеска отвори Инфо центар во Тетово, каде што на едно место ќе бидат достапни сите информации поврзани со планинарењето и туризмот на Шар Планина.
Претседателот на ПК „Љуботен“ Јован Божиновски истакна дека идејата која што се провлекувала низ годините, денес станува реалност.
„Годинава ПК „Љуботен прослави 97 години од своето постоење и низ годините клубот беше вклучен во голем број на активности во насока на развој на планинарството и туризмот.
Давањето на информации секогаш било дел од активностите на овој клуб, па така се роди и оваа идеја за Инфо-центарот. Клубот бил активно вклучен во сите активности, кои биле во насока на реализација на целта, Шар Планина да се прогласи за Национален парк, посебно во изминатите 10 години.
И со овој проект, уште повеќе ќе придонесеме сите заедно, сите засегнати страни да ги промовираме вредностите на Шара, да ја зачуваме таква каква што е, за идните генерации да ја доживеат на истиот начин како што и ние ја доживувме,“ изјави Божиновски.
Тој додаде дека реализацијата на проектот започнал во декември минатата година и ќе трае до март 2023 година. Проектот е поделен на повеќе активности, но генерално ќе се развива во две насоки.
„Првата е оваа која што денес ја официјализираме, а втората е самото функционирање на Инфо центарот. Важен момент, кој е директна активност од проектот, а кој што ќе започне со реализација во септември, е тоа што ќе имаме едукативни посети на основците од Тетово и регионот кои што ќе дојдат во Инфо центарот и ќе имаат предавања и работилници кои ќе бидат во насока на заштита на животната средина и воопшто вредностите на Шар Планина,“ објасни Божиновски.
Инфо-центарот сам по себе претставува подружница на Планинарскиот клуб „Љуботен“ и идејата е да биде самоодржлив во неговото функционирање.
„Ќе има два вида на активниости, првиот е прибирање на информации од сите засегнати страни кои функционираат на регионот на Шара, споделување на истите информации на корисниците, како што се функционалност на планинарски патеки, сместувачки капацитети, услуги од типот на водичи, транспорт, угостителство, ракотворби и промовирање на сите овие услуги пред туристите.
Вториот сегмент е функционирање на Инфо центарот, односно продажба на сувенири и дел на планинарска опрема. Има класични сувениир со логот на Инфо центарот и ракотворби кои се изработени од локалното население од регионот,“ дополни Божиновски.
Следните две недели, ќе бидат финиширани дел од активностите на Инфо центарот и тој ќе започне да работи од 1 мај со работно време од 10 до 16 часот.
На отворањето присуствуваа голем број на планинари, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, а на настанот се обрати и Методија Велевски од Македонско еколошко друштво.
Фото: emagazin.mk