Во рамки на работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што била реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Северна Македонија.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР), во фокусот на разговорите било европското досие на нашата држава и неопходноста од одлучни чекори од страна на ЕУ во однос на евроинтегративните процеси на државите од Западен Балкан, со оглед на новите геополитички ризици кои го демнат и регионот.
–Со отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе ја демонстрира својата геостратешка насока и следствено ќе ја зацврсти заедничката европска безбедносна архитектура, порача министерот Османи.
Од соговорниците е добиена потврда за конзистентното германско ангажирање и поддржување на европскиот пат на Северна Македонија со цел задржување на кредибилитетот на Европската унија во регионот.
Во изјава од Берлин шефот на дипломатијата оценува дека ова е важна работна посета на Германија каде што разговарале за предизвиците наметнати од руската агресија во Украина и блокираната европска перспектива на регионот, како извор на системска ранливост.
– Ги нформирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Република Северна Македонија за да постигне стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на Европската Унија, но и НАТО-член во регионот, а секако ја информирав Владата и Парламентот за текот на разговорите со Република Бугарија.
Притоа констатирајќи дека е време Република Бугарија да покаже стратешко лидерство со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а секако и ЕУ да презема стратешко лидерство кон регионот заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа, вели Османи.
За време на работната посета на Берлин, Османи, попладнево, ќе има средба и со државната министерка надлежна за Европа, Ана Лирман.
МИА/Фото: МНР