„Чекајќи го Годо“ е уметничка акција посветена на односот на Европската Унија кон Македонија.
Според активистите од Центарот за современи Уметности – Скопје (ЦСУ), инспирацијата за оваа акција доаѓа од сличноста на состојбите во драмата Чекајќи го Годо на Семјуел Бекет и евроинтеграцискиот процес на Македонија.
„Иако на прв поглед може да звучи несериозно, смешно и апсурдно, сепак постојат огромни сличности помеѓу двете дејствија – она во драмата на Бекет и она во државата Македонија на нејзиниот пат на евроинтеграциите.
Еднакво како што Владимир и Естрагон (главните ликови во драмата на Бекет) со часови и денови го чекаат Годо да дојде и да им ги разјасни дилемите и да им ги реши проблемите, така и Македонија го чека почетокот на преговорите, датумот за преговори, меѓувладината конференција и што уште не и така со години, надевајќи се дека кога ЕУ ќе дојде сите проблеми ќе ни се решат со магично стапче.
Доколку подлабоко ја анализираме ситуацијата во драмата на Бекет наоѓаме и понатамошни сличности со состојбата со евроинтеграциите, бидејќи Владимир и Естрагон (ликовите во “Чекајќи го Годо“) во одредени моменти воопшто и не се сигурни дали Годо им кажал дека ќе дојде, исто како што не се ни сигурни дали го чекаат на вистинското место.
Еднакво на тоа и ние чекајќи го датумот за преговори и постојано исполнувајќи некакви нови и нови услови, веќе и не знаеме ниту што чекаме, дали и колку треба да чекаме, и дали како и ликовите од драмата на Бекет треба да размислиме да се обесиме чекајќи и дали чекаме на вистинското место.
Аналогијата на костурите всушност ја претставува аналогијата на вечното односно долгото чекање претставена во македонската урбана изрека „Чекајќи те костур се сторив“, се вели во соопштението.
Фото: emagazin.mk