еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Бугарската Комисија за надворешна политика го усвои “францускиот предлог“, утре ќе се расправа во парламентот

Со 11 гласа „за“, три „против“ и два „воздржани“, Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија го усвои предлогот од претседателот на „Демократска Бугарија“ (ДС), Христо Иванов, во врска со Македонија.

Комисијата ги отфрли другите два предлога, поднесени од ГЕРБ-СДС и од ДПС.

Нацртот на ДБ предвидува вклучување на билатералните протоколи од членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во преговарачката рамка во врска со усвојувањето на заедничките позиции на Европската Унија за меѓувладините конференции од страна на Советот на ЕУ. Односно, Бугарија да може директно преку учество во Советот, покрај гаранциите што ги дава Преговарачката рамка, да го контролира процесот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, за време на дебатата, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка на ГЕРБ, Екатерина Захариева, предложи бугарската Влада да ја одобри предложената преговарачка рамка од страна на француското претседателство со ЕУ, поставувајќи услови – да направи напори за доработка на текстот на Уставот.

– Одобрувањето на преговарачката рамка не значи и признавање на македонскиот јазик, рече Захариева додавајќи дека бил направен обид трите предлози да се обединат во еден, но тоа не успеало бидејќи „Продолжуваме со промената“ го смениле мислењето.

Кристијан Вигенин од БСП и поранешен министер за надворешни работи, истакна дека за нив предлозите од ГЕРБ-СДС и од ДПС се неприфатливи, додека предлогот на Иванов го оцени како добра основа, но се воздржа од гласање.

Како што истакна, социјалистите не можат да се согласат на таков документ.

Од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов рекоа дека се против трите предлози, а ист став имаа и претставниците на „Преродба“.

В петок трите предлози ќе влезат на дневен ред во Народното собрание на Бугарија и откако ќе се расправа за нив, еден од нив ќе биде усвоен, изјавија пратениците за МИА во Софија.

Тие ќе му дадат мандат на премиерот во оставка Кирил Петков да даде согласност на Бугарија на предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговарачката рамка за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ.

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Македонката Татјана Јанушева во најновата кампања на познатиот италјански бренд Miss Sixty

Редакција

Убава вест: 782 оздравени од Ковид-19

Редакција

Денеска почнува „Велешка питијада 2022“: Кои се цените и кој се ќе настапи

Редакција